Во организација на Советот за развој на тренингот и обуките при Стопанската комора во општина Кавадарци беше одржана втората тркалезна маса на тема: „ Усогласување на понудата и побарувачката на вештини-клучен фактор за создавање профитабилни бизниси “. На тркалезната маса беа презентирани наодите од „ Анализата за понудата и побарувачката на вештини во петте плански региони (Скопски, Вардарски, Источен, Југоисточен и Пелагониски регион) во Северна Македонија“ за движењата на понудата и побарувачката на вештини во Вардарскиот плански регион и услугите што ги нуди Комората преку Советот во рамките на своите стратешки приоритети – функционално стручно образование и ефикасно обезбедување квалификуван кадар со потребните вештини и компeтенции за продуктивност и конкурентност на компаниите.
Анализата е изработена од проф. д-р Благица Новковска, национален експерт за пазарот на трудот и образованието, со поддршка на Стопанската комора и проектот „Образование за вработување (Е4Е)“.
Тркалезната маса ја отвори претседателот на Регионалната комора со седиште во Кавадарци, Никола Наумов, а беа присутни претставници од бизнис секторот и директорите од средните стручни училишта од Квадарци и Неготино, како и претставници од локалната самоуправа од општина Кавадарци.


Вардарски регион:
- Регионалниот развоен индекс* (последни официјални податоци 2017 година) изнесува 0.74, и во споредба со предходните 5 години, има многу мал напредок од 0.05.
- Регион со најмал број на население, а најголем регион по површина, веднаш по Пелагонискиот регион, и опфаќа 16%. Бројот на население за 10 години се намалува од 153837 на 151492 жители со тенденција на намалување и во наредните 10 години – 142733 жители.
Наод: Со намалување на бројот на населението се намалува и бројот на работоспособното население во овој регион.
- Доминантната структура на работоспособното население изнесува од 35-39 годишна возраст, но има релативно учество и на младото население.
- Надворешното миграционо салдо во последните 10 години е позитивно и нема многу заминувања на населението од овој регион, што нема да биде случај во наредните 10 години.
Наод: Зголемувањето на надворешната миграција во наредните 10 години може да се должи на малиот број слободни работни места.
- Внатрешната миграција е променлива низ годините и во последните години изнесува 420 отселени лица, која ќе продолжи и во наредните 10 години, но со помала динамика.
Наод: Побаруваните вештини од еден регион се надополнуваат со вештини од другите региони.
- Стапката на слободни работни места е најниска во однос на другите региони и изнесува 1.31, со предвидување дека во наредните 10 години уште повеќе ќе опаѓа.
Наод: Ниската стапка на слободни работни места покажува дека во овој регион ќе има се помалку работни места.
- Стапката на невработеност е висока и изнесува 10.8 со тенденција на опаѓање во следните 10 години, но не од економска природа, туку како резултат на процесот на миграција и на стареење на населението кое нема веќе да биде работоспособно.
Наод: Ниската стапка на слободни работни места со висока стапка на невработеност покажува дека има доволно потенцијал за да се обезбеди кадар за пополнување на слободните работни места и треба да се засили соработката со бизнис заедницата за испорака на соодветни релевантни квалификации и користење на услугите на Комората за реализација на програми за обуки за преквалификација и доквалификација на невработениот работоспособен потенцијал според барањата на пазарот на труд.
- Доминантни дејности: прехранбената, земјоделската дејност, како и трговија на големо и мало, а според прогнозите за наредните 10 години преработувачката индустрија и транспортот како дејности ќе растат, додека земјоделството ќе стагнира.
- Главни растечки сектори за наредните 10 години во кои ќе расте и бројот на вработувања се преработувачката индустрија; земјоделството, ловот, шумарството и рибарството, како и транспортот и складирањето.
Наод: Растењето на бројот на вработени во транспортот и складирањето се показател дека фокусот на образованието треба да биде насочен кон обезбедување квалификации преку формалното образование или процесот на преквалификација во оваа дејност.
- Главни опаѓачки сектори за наредните 10 години во кои ќе има и намалување на бројот на вработени се трговија на големо и мало; градежништвото и и објектите за сместување и сервисните дејности со храна, додека загрозени се секторите финансиски дејности и дејности за осигурување и информации и комуникации.
Наод: Ситуацијата со опаѓањето на секторот информации и комуникации (загрозен сектор), освен во Скопскиот и во Пелагонискиот регион, е неочекувана заради тоа што овој сектор има големи можности за развој и би требало да се развива во сите региони.
- Дефицитарни квалификации: Асистент деловен администратор, Продавач – референт за продажни услуги, Електротехничaр, Електромеханичар, Обработувач на метал, Заварувач, Автотехничар-мехатроничар, Конструкциски механичар, Машинско-енергетски техничар, Техничар за компјутерско управување и Прехранбен техничар.
Наод: Дефицитарните квалификации се претежно од средното стручно образование и се однесуваат на претежно на квалификации од електро и машинскиот сектор.
- Бројот на активни деловни субјекти е намален и изнесува 5409 во однос на 2018 година, кога изнесувала 5341 (податоци 2018 година).
Наод: Намалувањето на бројот на деловни субјекти се јавува кај микро претпријатијата, но се зголемува бројката кај малите претпријатија што значи дека или се јавуваат мали и големи претпријатија или микро претпријатијата прераснале во мали претпријатија.
- Доминантна економска моќ во овој регион имаат градовите Кавадарци (бројката на големи компании од 12, за последните 5 години, прераснува на 16) и Велес (бројката на големи компании од 8, за последните 5 години, прераснува на 10).
*регионален развоен индекс-композитен индикатор за вредностите од повеќе економскo-социјални и демографски индикатори
Заклучоци и препораки од тркалезната маса:
- Да се обезбеди систематски приод и континуирано следење на понудата и побарувачката на вештини.
- Да се зајакне соработката со бизнис секторот и да се обезбедуваат квалификации и вештини според нивните потреби за невработените лица.
- Да се користат услугите на Комората за обезбедување програми за обуки за преквалификација и доквалификација на невработени за соодветна компанија со можност за нивно вработување.
- Да се обезбедат нови програми за обуки за преквалификација во машинскиот и електротехничкиот сектор, како и во секторот транспорт и складирање, кој ќе биде растечки во наредните 10 години.
- Хармонизација на законите од образованието.
- Практична примена на законската обврска за кариерно советување на учениците од основното образование.
- Оптимизација на стручните училишта според реалните потреби на компаниите на локално и регионално ниво.
- Учество на бизнис заедницата во изработката на студиски програми за високообразовни квалификации.