Арбитражниот суд при Стопанската комора побрз од судските постапки, трговските спорови се решаваат за шест месеци
➢ Актуелно (16.03.2023, во 11:22:00)
👁 Прочитано: 1490




Арбитражниот суд при Стопанската комора побрз од судските постапки, трговските спорови се решаваат за шест месециКликни за повеќе

Арбитражата овозможува поевтино и многу побрзо решавање на споровите за разлика од судовите во РСМ. Просечното времетраење на постапките кои се водат пред Арбитражниот суд при Стопанската комора на Северна Македонија постојано се намалува и во 2022 година изнесува приближно шест месеци. Наспроти тоа, судските постапки во сите три инстанци при судовите траат од  4 години до 7 години, изјави Елена Милевска Штрбевска, претседател на Постојаниот избран суд-Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија во емисијата „Економски магазин“ на ТВ Алсат М.  

Во емисијата Милевска Штрбевска се осврна на светските трендови кои покажуваат сѐ поголемо користење на алтернативните методи за решавање на споровите меѓу деловните субјекти, како што е арбитражата. Досега таа се покажа како ефикасна алатка што е неопходна за бизнис заедницата, зашто стопанството е уморно од долгите судења кои траат со години.

„Арбитражните постапки се за 13 пати пократки за разлика од времетраењето на судските постапки, пред основен суд, вклучително и постапката по жалба и вонредните правни лекови. Нашата желба и визија, како постојана арбитражна институција во земјава, надлежна за решавање спорови со и без меѓународен елемент, е да придонесеме да се развие арбитражна култура меѓу деловните субјекти и да овозможиме промена на начинот на размислување со цел побрзо, поевтино и ефикасно остварување на правата и решавање на настаните спорови“, изјави Милевска Штрбевска.

Пресудите што ги носи Арбитражниот суд при Стопанската комора на Северна Македонија се конечни и ги обврзува странките. Против арбитражната пресуда не е дозволен правен лек пред арбитражен суд од повисок степен и има дејство на правосилна судска пресуда и претставува извршна исправа.

Статистичките податоци од работењето на Арбитражата покажуваат дека како странки во постапките се јавуваат трговски субјекти од РС Македонија, Турција, Бугарија, Косово, Романија, Русија, Хрватска, Саудиска Арабија, Украина, Србија, Кина.

Во последните три години постапките биле за побарувања кои произлегуваат од договори за продажба, договори за деловна соработка, договори за јавни набавки, договори за градење, договори за вршење услуги на обезбедување и други.

Служба за информирање при Комората