КОНСТИТУИРАН НАЦИОНАЛЕН СОВЕТ ЗА ИЗВОЗ СО КОЈ ЌЕ РАКОВОДИ СТОПАНСКАТА КОМОРА
➢ Актуелно (06.03.2023, во 16:12:00)
👁 Прочитано: 2024




КОНСТИТУИРАН НАЦИОНАЛЕН СОВЕТ ЗА ИЗВОЗ СО КОЈ ЌЕ РАКОВОДИ СТОПАНСКАТА КОМОРАКликни за повеќе

Во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа конститутивна седница на Националниот совет за извоз, кој ќе биде главен механизам за јавно-приватен дијалог каде ќе се третираат сите прашања поврзани со промоција и поддршка на извозот. 
Советот ќе биде раководен од страна на Комората, во рамки на проектот за поддршка на приватниот сектор за регионална економска интеграција што Стопанската комора го имплементира во партнерство со Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави – УСАИД. 
Претседател на Советот е Бранко Азески, претседател на Стопанската комора, а во истиот членуваат и претставници на Владата на Република Северна Македонија, владини институции и тела, органи на државната управа кои имаат надлежности и вршат активности поврзани со извозот и претставници од различни извозно ориентирани сектори / компаниите. 


„Ние како земја сме мал пазар со ограничена куповна моќ и единствен начин да се развиваме во иднина како економија е да градиме извозни капацитети и компании кои ќе бидат подготвени да се натпреваруваат и победуваат на регионалните и глобалните пазари. Јас ќе ви дадам неколку илустрации за исклучително неповолната структура на нашиот извоз што ја имаме. 
Прво, во моментот нашите компании извезуваат само 370 производи со вредност поголема од 1 милион долари, а првите 25 извозни производи учествуваат со 66% во вкупниот извоз на земјата. 
Второ, 95% од македонскиот извоз се пласира на само 25 пазари. 
Трето, од вкупно 3.500 извозни компании во моментот само 450 извезуваат со вредност поголема од 1 милион долари. Овие се поразителни бројки кои ние како земја час поскоро треба и мора да ги промениме. За таа цел, комората и јас лично веќе подолг период јавно укажуваме, а сега и со конкретни мерки и чекори почнавме активно да работиме на тој план“, истакна Азески.

На конститутивната седница се отвори дискусија по однос на Нацрт Стратегијата за промоција на извозот на РСМ 2023-2027 година. 
Преку проектот Стопанската комора и во наредниот период ќе работи на поголема промоција на компаниите преку организирани настапи на меѓународни саеми, Б2Б средби, организирање на купувачки мисии и други форми на промоција. 
Во меѓувреме, Комората посветено работи на целосно зајакнување на сопствените капацитети преку Клубот на извозници и Советот за унапредување на индустриското производство и извоз кои се специјализирани тела насочени кон обезбедување на целосна поддршка за извозните компании. 

Оваа соопштение е подготвено со одобрување на Американската Агенција за Меѓународен развој. Истото е изработено од страна на Стопанска комора на Северна Македонија во рамки на проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, имплементиран од страна на Стопанска комора на Северна Македонија.


БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ    
Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 833 милиони долари во Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е водечка меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до развојни постигнувања. Работата на УСАИД ја унапредува националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја отсликува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации за работата на УСАИД во Северна Македонија, посетете ја нашата веб-страница https://www.usaid.gov/north-macedonia и следете нѐ на YouTube, Твитер и Фејсбук. 

 

 

 

Служба за информирање при Комората