ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР – ФУТУРИЗАМ ИЛИ РЕАЛНА ПОТРЕБА 
➢ Актуелно (12.12.2022, во 08:48:00)
👁 Прочитано: 781




ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР – ФУТУРИЗАМ ИЛИ РЕАЛНА ПОТРЕБА Кликни за повеќе

Дигитализацијата, како неминовен процес сè повеќе навлегува во различни сфери од нашиот живот, вклучително и во начинот на работење и секојдневно организирање. Овој процес ни овозможува да постигнуваме поголема продуктивност, го олеснува и забрзува процесот на анализирање и влијае кон подобро и побрзо одлучување. И покрај тоа што за дигитализацијата се зборува извесно време, таа за многу компании, па дури и дејности е апстрактна и непозната. Поттикот за дигитализација е повеќе од потребен, но повеќе од тоа потребно е правилно разбирање за тоа какви придобивки носи дигитализацијата на конкретен процес, кои се трошоците и дали истите ги надминуваат придобивките.

Како една од најмалку дигитализираните индустрии, градежништвото се соочува со сè поголеми предизвици да ги достигне другите индустриски сектори кои порано ги усвоија процесите на дигитализација и повеќе се прилагодуваа на нив. Според истражување за дигитална подготвеност и зрелост на компаниите, спроведено за потребите на Македонски Телеком, во 2022 година од вкупниот број на дигитално зрели компании според економска активност само 8% се компании од секторот градежништво. Неизвесноста и непредвидливоста се главните причини зошто градежништвото заостанува зад сите останати сектори, освен земјоделие и риболов кои се најниско рангирани.

Стопанската комора на Северна Македонија во рамки на концептот „Комора на иднината и ваш консултант во бизнисот“ преку различни иницијативи поддржува воведување на нови технологии кои ги унапредуваат деловните процеси, ја зголемуваат ефикасноста и продуктивноста и создаваат додадена вредност, вклучително и во секторот на градежништво и индустријата на градежни материјали преку активностите во рамки на проектите: „Одржливи енергетски вештини во градежништвото: видливи, валидирани, вредни“ (SeetheSkills) и „Дигиталната трансформација се пробива кон бизнисите – развој на клучни индикатори за перформанси за зголемување на продуктивноста на секторот“ (Dig-in-KPI).

Во рамки на Проектот Dig-in-KPI во кој покрај Стопанската комора на Северна Македонија, се вклучени и Стопанските комори на Словенија и Хрватска кои на ниво на трите земји ќе развијат индикатори за кои ќе го мерат обемот и нивото на дигитализација на градежните компании, со цел поттикнување на дигиталната трансформација во градежништвото согласно со технолошките трендови на Градежништво 4.0. 

Преку Проектот, коморите директно ќе се обратат до градежните компании во дефинирањето на индикатори за мерење на перформансите, како и при креирање на нова алатка за самоевалуација на дигитализацијата на процесите во градежната индустрија.

Преку овие индикатори ќе се добие појасна слика за тоа што подразбира дигитализација во градежниот сектор, ќе се утвдри степенот на дигитализација на градежните компании од Македонија, Хрватска и Словенија и ќе се утврди патоказот за дигитална трансформација на компаниите.

Во првата фаза од проектот ќе се генерираат клучни индикатори на перформанси кои ќе ги опишуваат процесите и ќе ги одредуваат нивоата на дигитализација на секој процес, во втората фаза ќе се врши самопроценување на степенот на дигитализација на компаниите преку спроведување на онлајн прашалник, додека во последната фаза ќе следи обработка на податоците, креирање на извештај за дигитализацијата на компаниите на ниво на градежен сектор и презентација на истите пред компании од секторот. 

Проектот „Дигиталната трансформација се пробива кон бизнисите – развој на клучни индикатори за перформанси за зголемување на продуктивноста на секторот“ (Dig-in-KPI) е финансиран од Европската Унија преку Словенечката национална агенција CMEPIUS и ќе послужи како модел проект за одредување индикатори за дигитализација во рамките на Европската федерација за градежна индустрија (FIEC).

 

м-р Михајло Донев
в.д. Оперативен директор за развој, иновации и знаење