КРИЗНИОТ ШТАБ НА ТЕРЕН ВО ВЕЛЕС Високите сметки за електрична енергија предизвикаа поголема свесност за енергетски заштеди на трговскиот ланец „Жито маркети“
➢ КРИЗЕН ШТАБ (17.11.2022, во 11:32:00)
👁 Прочитано: 1241




Високите сметки за електрична енергија предизвикаа поголема свесност за енергетски заштеди на трговскиот ланец  „Жито маркети“Кликни за повеќе

Високите сметки за електрична енергија не го заобиколија и трговскиот ланец  „Жито маркети“ Велес. При посетата на Кризниот штаб, директорот Далибор Ѓошевски информираше дека до септември компанијата имала договор за набавка на струја по гарантирана цена, па до тогаш на некој начин била и заштитена од енергетската криза. Но во изминатите два месеци, откако почнале да ја набавуваат струјата по пазарни цени и првите фактури веќе им биле испорачани, Ѓошевски вели дека активно се вклучиле во изнаоѓање на мерки за намалување на потрошувачката, зашто сѐ одело во насока дека кризата ќе потрае.

„Струјата стана голема ставка кај нас, ги надмина сите очекувања. Компанија активно се вклучи во преземање на мерки кои значат заштеди на електрична енергија. Инвестиравме во енергетско ефикасна оперма и процеси кои ја намалуваат потрошувачката на електрична енергија, како и во обука и подигнување на свеста на вработените за заштеди. Нарачавме апарати за мерење на потрошувачката на електрична енергија за штекерите, за да видиме кој апарат колку троши. Направивме кампања со вработените и онлајн обуки за поголемо освестување околу важноста на штедењето. Сега зедовме понуда и за инвестирање во смарт табли, така што целосно сме фокусирани околу струјата.

Воедно, во септември договоривме поставување фотоволтаици на објектите, кои за среќа поголем дел од нив се во наша сопственост и има каде да се инсталираат, но не се пуштени, сѐ уште се во фаза на местење“, вели Ѓошевски.
Со сите преземени мерки од 10 септември компанијата успеале да ја намали потрошувачката на електрична енергија за 25% до 28%.

“Жито” претставува препознатлив бренд во својата област. Вработува 900 лица и располага со 59 маркети распространети во 20 општини во земјава.
Во разговорот со Кризниот штаб од страна на раководството беше потенцирано дека за маркетите е проблем неизвесноста, односно немаат доволно информации што да очекуваат во следниот период, како и проблемот на честото менување и донесување на нова законска регулатива што им се наметнува во работењето, а за која немаат доволно време да ја имплементираат.

На работниот состанок претставниците на Кризниот штаб ја нагласија заложбата на Комората, која веќе долг период интензивно комуницира и е во преговори за заштита на бизнис секторот, зашто во услови на енергетска криза е многу важно компаниите да ја добијат поддршката за да се одржи домашната економија и конкурентноста на домашните производи и услуги.

 

Служба за информирање при Комората