Службен весник на РСМ бр.195 од 19.09.2023 г. Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да побаруваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед



Врз основа на член 30 став 1 алинеи 1, 2 и 6 од Законот за трговија (*) („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/04, 128/06, 63/07, 88/08, 159/08, 20/09, 99/09, 105/09, 115/10, 158/10, 36/11, 53/11, 148/13, 164/13, 97/15, 129/15, 53/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/21, 215/21, 295/21 и 150/22), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 19 септември 2023 година, донесе  

О Д Л У К А

ЗА ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА ТРГОВИЈА НА ОДДЕЛНИ СТОКИ, ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА НАЈВИСОКИ ЦЕНИ ЗА ОДДЕЛНИ ПРОИЗВОДИ ВО ТРГОВИЈАТА НА МАЛО, КАКО И ОБВРСКА НА ТРГОВЦИТЕ ДА ПРИБАВУВААТ И ПРОДАВААТ ОПРЕДЕЛЕНИ ВИДОВИ И КОЛИЧЕСТВА НА ОДДЕЛНИ СТОКИ НА ПОТРОШУВАЧИТЕ СПОРЕД ОПРЕДЕЛЕН РЕДОСЛЕД

Член 1

Со оваа одлука се определуваат посебните услови за трговија, највисоките цени во трговијата на мало, како и обврската на трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење дејност производство и за вршење дејност трговија на големо и на мало во соодветен регистар согласно со закон, да ги прибавуваат и продаваат следните производи/стоки:

1) ориз бел, во пакување од 900 g до 1kg;

2) брашно пченично тип 400 и тип 500;

3) бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 g (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;

4) други пекарски производи;

5) бисквити „Petit Beurre“ и бисквити обични и посни од 300 до 500 g;

 6) наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 g;

7) тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 g;

8) јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел;

9) свинско месо без коски, од бут или некој друг дел;

10) мелено месо свинско и јунешко;

11) пиле свежо или замрзнато (цело);

12) пилешки стек свеж или замрзнат;

13) чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување;

14) пилешка посебна салама (без слајс пакување);

15) паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 g;

16) трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 l;

17) јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 l и 1,5 l;

18) кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500g;

19) павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 g;

20) традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци);

21) традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци);

22) свежи јајца од кокошка;

23) свежо овошје и

24) свеж зеленчук.

Член 2

Највисоките цени на производите/стоките од членот 1 од оваа одлука се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба) кои се применувале на 1 август 2023 година, во трговијата на мало, кои цени се намалуваат најмалку за 10%.

Член 3

Трговците за вршење дејност производство и дејност трговија на големо, за производите/стоките од член 1 од оваа одлука одобруваат рабат и други надоместоци кон трговецот за вршење дејност трговија на мало, во висина до 5%.

Член 4

Трговците за вршење дејност трговија на мало производите/стоките oд член 1 од оваа одлука, кои се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот „гарантирана цена”, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија.

Член 5

Трговците за вршење дејност производство и за вршење дејност трговија на големо имаат обврска производите/стоките од членот 1 од оваа одлука, да им ги продаваат месечно на трговците за вршење дејност трговија на мало, во количина од најмалку 70% од количината продадена во месец август 2023 година.

Член 6

Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 30 ноември 2023 година.

 Бр. 41-9520/3                                    Прв заменик на претседателот

19 септември 2023 година                 на Владата на Република

                                                                     Северна Македонија,

Скопје                                                          д-р Artan Grubi, с.р.


Контакт лице: Ана Стерјовска
Телефон: ++ 389 2 3244037
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ana@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Северна Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје