Во финансискиот систем на Македонија доминираат банките. На останатите финансиски институции - штедилници, осигурителни компании, финансиски друштва, лизинг компани - отпаѓа мал дел од финансискиот пазар. Имено, брзиот раст на алтернативното кредитирање надвор од традиционалните канали во последните неколку години, е резултат на потребата за зголемување на степенот на финансиска интермедијација во домашната економија. Ваквата улога ја преземаат финансиските друштва, кои се комплементарни на традиционалните кредитори, банките и штедилниците.
Финансиските друштва се најмладиот и најдинамичниот сегмент на финансискиот систем, кои по малку, но постојано од година во година го зголемуваат своето учество. Во изминатата деценија експанзијата на финансиските друштва се огледа во нивниот зголемен број, растот на бројот и вредноста на новосклучени договори, порастот на кредитите и зголемениот број на кредитокорисници. Така, според Народната банка на Северна Македонија, учеството на финансиските друштва во вкупните средства на финансискиот сектор во 2020 година изнесува 0,6 %, додека во 2021 година учеството е 0,8 %. Учеството на средствата на финансиските друштва во БДП е 0,9 % во 2021 година, што е за 0,2 процентни поени зголемување од 2020 година (0,7 %) и 0,3 процентни поени зголемување од 2019 година (0,6%). Една од целите на Групацијата за 2023 година е зголемување на овие учества на над 1% преку зголемена видливост, препознатливост и доближување на работата на финансиските друштва во јавноста.
Според Асоцијацијата на финансиски друштва, оваа индустрија вработува околу 1000 лица, претежно млади, со придонес за економијата од околу 13 милиони евра во 2019 година (придонес во буџет 2,3 милиони евра). Но, и покрај постојаниот раст во изминатите години, финансиските друштва сеуште имаат маргинално и недоволно системско значење.
Финансиските друштва се небанкарски финансиски институции, кои одобруваат кредити, издаваат и администрираат кредитни картички, вршат факторинг и издаваат гаранции. Покрај овие активности, финансиските друштва може да вршат и советување поврзано со претходно споменатите активности, како и изнајмување на подвижен и недвижен имот на трети лица, вклучувајќи и оперативен лизинг. Со кредитната активност, финансиските друштва овозможуваат пристап до финансиски средства на одредени катергории на физички и правни лица кои имаат отежнат пристап до кредити кај банките (традиционалните форми на кредитирање).
Финансиските друштва одобруваат претежно потрошувачки кредити на мали износи на клиенти со послаба кредитна способност, кои не можат лесно да ги добијат овие услуги кај банките. Поради начинот на одобрување кој е online или во филијала, кредитите се лесно и брзо достапни (24/7), за разлика од покомплексните и поконзервативни кредитни политики на банките. Користењето на современите достигнувања во дигиталната технологија во процедурите за одобрување на кредитите од одреден број на финансиски друштва преставува новина во домашната економија. Финансиските друштва обезбедуваат и ќе продолжат да обезбедуваат пристап до финансии за дел од населението и микро и малите бизниси кои имаат потешкотии за пристап до финансиски средства на друг начин преку традиционалните форми на кредитирање токму во моментите кога тоа им е најпотребно, што директно влијание на квалитетот на животот на корисниците на услугите.
Основањето на финансиските друштва во Македонија се овозможи со Законот за финансиски друштва кон крајот на 2010 година. Првите финансиски друштва се регистрирани во 2011 година. Според регистерот на Министерството за финансии, кој е надлежен орган за нивното работење, во Македонија работат 35 финансиски друштва (последно ажурирање април 2023 година). Од тоа, 23 се во Скопје, 3 во Битола, 2 во Прилеп и по едно финансиско друштво во Струмица, Штип, Радовиш, Кавадарци и Охрид. Некои од нив имаат развиена деловна мрежа, филијали по градовите. Најголем број на финансиски друштва (22) се регистрирани за повеќе видови на активности, меѓу другото и за факторинг и издавање на гаранции. Девет финансиски друштва се регистрирани исклучиво за одобрување на кредити, додека едно е регистрирано само за издавање и администрирање на кредитни картички. Значајниот раст на бројот на регистрирани финансиски друштва во изминатите 12 години упатува на зголемниот интерес за влез на нови субјекти на овој сегмент од кредитниот пазар.
Според законската регулатива, основната главнина на финансиските друштва треба да изнесува најмалку 6 милиони денари. Согласно регистарот на финансиски друштва на Министерството за финансии, најниската основна главнина изнесува шест милиони денари, а највисоката 288 милиони денари. Притоа, 13 од 33 финансиски друштва се со основна главнина од 6 милиони денари и малку над тоа. Според потеклото на капиталот, 64,9% од финансиските друштва се домашни сопственици, притоа 38% се нефинансиски правни лица и 26,9% се физички лица, додека 35,1% се странски сопственици, од што 24% се други финансиски институци. Финансиските друштва, за разлика од традиционалните финансиски институции немаат депозити и евтини извори на финансирање, туку тие се финансираат од сопствени средства и други извори со повисок трошок на финансирање.
Анализите на капиталот, активата и кредитите упатуваат на концентрација на активностите кај пет финансиски друштва, иако истата е доста намалена споредено со состојбата од 2014 година. Со влезот на нови финансиски друштва на пазарот, се намали концентрацијата и се зголеми конкуренцијата во овој сегмент на финансискиот пазар.
Вкупната актива на финансиските друштва расте од година во година. Според Народна банка на Северна Македонија, во 2020 година годишниот пораст во однос на 2019 година изнесува 14,7%. Во однос на 2015 година, вкупните средства на финансиските друштва се зголемени за околу 4,7 пати, што е највисок раст во рамки на финансискиот сектор. На крајот на 2020 година, вкупните средства на финансиски друштва изнесуваат околу 5 милијарди денари, а најголем дел или 89% се побарувања од приватниот сектор.
Во активата доминираат кредитите, бидејќи кредитирањето е доминантна дејност кај повеќето финансиски друштва. Претежно кредитите се краткорочни и во денари, а просечна вредност на договорите за физичките лица во 2019 година е околу 260 евра (во денарска противвредност). Кредитите одобрени на населението на крајот на 2020 година се околу 3,5 милијарди денари, додека кредитите одобрени на фирмите се околу 980 милиони денари. Споредено со крајот на 2019 година, кредитирањето на населението бележи раст од 24,3%, додека на фирмите е намалено за 4,6%.
На крајот од 2020 година, 76% од побарувањата врз основа на активни договори на финансиските друштва отпаѓаат на физички лица. Долгот на корпоративниот сектор кон финансиските друштва учествува со 0,2% во вкупниот долг, додека долгот на населението кон финансиките друштва претставува 1,5% од вкупниот долг на населението. Долгот на населението кон финансискте друштва зафаќа 0,7% од нивната финансиска актива.
Бројот на клиенти е во постојан раст. Така, од околу 14.400 клиенти - физички лица во 2015 година, бројот на клиенти се зголеми на околу 100.000 во 2019 година. Бројот на клиенти - правни лица е зголемен од 538 во 2015 година, на 686 лица во 2019 година.