Во Стопанската комора на Македонија се конституираше
Групација на приватните здравствени установи
Повеќе од 20 стопански субјекти, репрезенти во фармацевтската и здравствената дејност во Република Македонија на 30.03.2011 година ја конституираа Асоцијацијата за здравство при Стопанската комора на Македонија.Основачи на асоцијацијата се претставници на: производителите на фармацевтски производи, најголемите дистрибутивни ланци на лекови – веледрогериите, претставници на трговија со лекови на мало, производители на хербални лекови, застапен е сегментот на дијагностика и лаборатории и приватните здравствени установи.
*************
Со цел ефикасно остварување на специфичните интереси на приватните здравствени установи во вршењето на дејноста, во рамки на Асоцијацијата за здравство, на 22.09.2011 година, по иницијатива на приватните здравствени установи: Специјална болница за хируршки болести, Филип Втори – Скопје, Прва приватна општа болница РЕ-МЕДИКА Скопје, Клиничка болница Систина-Скопје, Неуромедика-Скопје и Европска очна болница-Скопје се формираше Групација на приватни здравствени установи.
Здружувањето во Групацијата е слободно и на доброволна основа. Притоа, Групацијата е отворена за членство за сите заинтересирани субјекти кои имаат интерес да членуваат во неа.
ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ГРУПАЦИЈАТА:
I. Групацијата има за цел да ги артикулира и координира потребите на приватните здравствени установи, во функција на остварување на што подобра заштита на пациентите и нивните права.
II. Групацијата ќе биде партнер на Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, како и на другите носители на здравствената политика, со цел активно вклучување, како заинтересирана страна, во подготовката на правната регулатива поврзана со здравствената дејност, како и други активности кои се во насока на подобрување на реалните состојби во здравствениот сектор.
III. Групацијата организирано ќе учествува во подобрување на квалитетот на здравствените услуги и ќе биде актвен чинител во обезбедување поголема достапност на своите квалитетни услуги до пациентите.
* * *
Анализирајќи ги проблемите од економско-правен аспект со кои се соочуваат приватните здравствени установи во Република Македонија, од една страна, и знаењето, потенцијалите и огромната волја за натамошен напредок на оваа дејност и во рамките на приватниот сектор, од друга страна, за разрешување на клучните прашања што се претпоставка за успешно функционирање на овој сектор, неопходен е континуиран дијалог, постојана консултација со сите заинтересирани страни за сите правни и економски прашања поврзани со овој сектор и непосредна и постојана подготвеност на државата да ги земе предвид мислењата, забелешките и предлозите на приватниот сектор во областа на здравството. Токму поради овие причини, приватните здравствени установи во иднина ќе дејствуваат координирани и организирани во рамки на Групацијата на приватните здравствени установи при Стопанската комора на Македонија.
За в.д.Претседател на Групацијата е избран д-р Андреја Арсовски од Првата приватна општа болница РЕ-МЕДИКА Скопје. Групацијата е отворена за членство на сите приватни здравствени установи во РМ.