Групација на градежни материјали

Во насока на обезбедување трајност на објектите и изградба на цврсти, стабилни и енергетски ефикасни градби неопходно е во нив да се вградуваат квалитетни градежни материјали кои ги имаат потребните физички и хемиски својства, во зависност од нивната улога во градежното инженерство и архитектурата.

Градежните компании во нашата држава произведуваат конструктивни градежни материјали и градежни материјали со специјална намена. Членки на Групацијата на градежни материјали се фирмите кои вршат производство на градежни материјали: цемент, гипсени производи, керамички производи (тули и керамиди), суви малтери, изолациони материјали, бетонски производи и други производи кои се наменети при градбата на објектите.

Претседател на Групација е Стојанче Стојанов, директор на "БИМ" АД - Свети Николе.

Материјата од областа на градежните материјали е уредена со Законот за градежни производи со кој се уредуваат условите за пуштање на градежните производи на пазарот со изјава за својства, означувањето со „СЕ“-ознака, условите за пуштање на пазар на градежен производ од нехармонизираното подрачје, обврските на економските оператори, хармонизираните технички спецификации, основањето и работењето на тела за техничка оцена и именуваните тела, надзор и контрола на пазарот на градежни материјали.

Градежната индустрија е значаен двигател на економскиот развој во земјата. Со цел зголемување на конкурентноста на македонските компании и можноста за нивен настап на странските пазари, градежниците се залагаат за примена на стандардите во градежништвото - без оглед на тоа дали станува збор за произведениот или увезениот градежен материјал.

 

 


ПОДАТОЦИ ЗА ДЕЈНОСТА

Индустријата на градежни материјали во нашата земја се темели врз основа на домашните суровински ресурси како што се гипсот, лапорецот, керамичките глини, вар и други неметални минерални суровини, за кои според истражувањата се говори дека овие неметални минерални суровини, ќе ги има и во наредните пеесет до сто години. Увозот на основни суровни за производство е занемерлив кај поголемиот дел на производители на градежни материјали.

Видови на производството

Производството на гипсаните производи, претрпе големи промени со воведување на нови современи линии и производство на различен асортиман на гипсани производи, кои овозможуваат лесна и брза градба. Гипсаните производи најчесто се пласираат на домашниот, но и странските градежни пазари (Албанија, Србија, Бугарија).

Производството на цемент има континуирано производство и искористување на инсталираните капацитети, кое се прилагодува според потребите на градежниот пазар, како во Македонија, така и во Регионот.

Кај производството на тули, по долгогодишното стагнирање, во последните неколку години се забележува подобрување на квалитетот и асортиманот на тулата, која постепено, и покрај затварање на некои капацитети, се зголемува производството, но и се проширува пласманот. Пласманот најчесто е во нашата земја, но и во странство, посебно Србија, Косово, Албанија, Бугарија и други земји.

Кај производството на покривачки материјали, со воведување на новите технолошки линии кај керамидите, има значителна промена на квалитетот, асортиманот и кванититетот на глиненета керамида, која се пласира на домашниот и пазарите во Регионот. Исто така, има капацитети за призводство на бетонски керамиди, но и други покривачки материјали, како што е битуменската шиндра и други пластифицирани материјали.

Производството на префабриковани бетонски материјали, на кои треба да им се посвети поголемо внимание во нивното осовремување и применувањето во градбата, посебно во делот на високоградбата. Во делот на производството на бетонски производи (елементи) за ентериерско уредување на просторот има разновидни производи, од голем број производители во земјата. Заради локалниот карактер на производите и ниските цени, не се атрактивни за извоз, а од друга страна овие производи се произведуваат и во земјите од соседството.

Меѓутоа, не треба да се занемери фактот, дека развојот на префабрикованите монтажни градби, зависи и од потребите на градежниот пазар, кој за жал во нашата земја има се повеќе надолна линија. Во делот на армирано бетонски столбови за електро енергетски надземни водови, армирано бетонски цевки со разни пречници, како и бетонски канализациони цевки имаат постиганто висок квалитет и асортиман и истите се пласираат, како на домашниот, така и на странските пазари.

Битуменската индустрија, има континуиран развој, следејќи ги современите техничко - технолошки достигнувања, при што се произведуваат разновидни материјали за хидроизолација и се создадени големи потенцијални можности, како по асортиман, така и по количини.

Производството на суви малтери бележи се поголем пораст со отварање на нови фабрики. Производството се пласира на домашниот пазар, а исто така и во странство (Албанија, Бугарија и др.).

Производството на готов бетон во последните неколку години се повеќе се развива со отварање на фабрики за производство за готов бетон, опремени со соодветна механизација и пласирање на овој производ директно до изведувачите.

Производството на адитиви за градежништвото, исто така се тремели врз домашни ресурси, со голема лепеза на производи кои се користат при бетонирање на ниски температури, заштита од пожари и друго.

Производство на метали и неметали

Контакт лице: Сашка Велков
Телефон: ++ 389 2 3244054
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: sashka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Северна Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје