Асоцијација за поддршка на медијацијата - АПМ

Медијација, согласно законот за медијација е секое посредување, без оглед на неговиот назив, при решавање на спорниот однос во постапка на медијација во коешто на страните во спорниот однос им се овозможува истиот да го решат по пат на преговарање, на мирен начин со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори, со цел да се постигне заедничко прифатливо решение изразено во форма на писмена спогодба.
При користењето на медијацијата за решавање на споровите, посебно при решавање на стопанските спорови, главна улога имаат начелата и стандардите на медијацијата која ја издвојуваат како привлечна пред останатите методи на алтернативно решавање на споровите, или пред судовите. Начелата на медијација се: Доброволност на страните за започнување на постапката, Рамноправност и еднаквост на страните во спорот, Неутралност на медијаторот кон страните , Доверливост на постапката, Исклучување на јавноста во медијацијата, Нема достапност на информации од постапката за медијација, Ефикасност на постапката односно постапката е економична, ефикасна и брза и Правичност на постапката. Согласно законот за Медијација во Република Македонија (Закон за медијација („Службен весник на Република Мaкедонија“ бр. 188/13, 148/15, 192/15 и 55/16), медијацијата се применува особено во имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување. Одредбите од законот за медијација се применуваат и во кривични спорови, доколку со посебен закон не е исклучена нејзината примена.

Со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка („Службен весник на РМ“, бр.124./15) со член 47 од Законот, извршена е измена на член 461 од пречистениот текст на ЗПП  според кој: „ Во стопанските спорови за парично побарување чија што вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. При поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен доказот од ставот (2) на овој член судот ќе ја отфрли”. Оваа одредба од ЗПП е влезена во сила од февруари 2016 година.

Според новиот Закон за медијација и неговите измени и дополнувања („Службен весник на Република Македонија“ бр. 188/13, 148/15, и 55/16), постапките за медијација може да ги спроведува единствено медијатор на кого му е издадена лиценца за вршење на медијаторски работи согласно член 46 од Законот за медијација, од страна на Министерството за правда на Република Македонија - Одбор за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата. Медијаторот врши работи согласно ЗПП и погоре потенцираната законска одредба, како и спроведување на постапки за решавање на сите видови медијабилни спорови за кои спротивставените страни ќе изјават волја доброволно, спорот да го решат по пат на медијација.

Динамиката на бизнисите, трендот на интензивно намалување на трошоците, зголемување на ефикасноста, технолошките придобивки со можности за моментален трансфер на информации, мобилност во сите сегменти од живеењето, ја наметнуваат потребата да се надмине традиционалното водење на судските постапки и да се бараат нови начини за ефикасно разрешување на споровите и конфликтите преку иницирање постапки со ефикасни начини на решавање на споровите како што е медијацијата.

Стопанската комора на Македонија ја поддржува медијацијата, со главна цел популаризација на овој ефикасен начин на вонсудско решавање на споровите. Со популаризација на медијацијата ќе се намалат непотребно долгите и скапи судски постапки и ќе се зголеми ефективноста во надминување на конфликтите во ставовите на страните, преку наоѓање решенија прифатливи за двете страни и нивна идна соработка поради доверливоста на постапката, што не е случај во најголем дел од споровите кога се води јавна судска постапка.

Оттука, согласно потребите на компаниите, Стопанската комора на Македонија, како најголема и најбројна бизнис-асоцијација во Република Македонија, започнува со креирање и нудење на нова услуга во своето портфолио на активности, односно воведува поддршка за вршење на Медијација како за членките, така и нечленките, согласно горенаведените одредби.

Контакт лице: д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
Телефон: ++ 389 2 3244031
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: jelisaveta@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје