„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Стопанската комора на Северна Македонија и АСОЧАМ потпишаа Меморандум за разбирање

21.07.2026

| Новости

Стопанската комора на Северна Македонија и Здружението на стопански и индустриски комори на Индија (ASSOCHAM) потпишаа Меморандум за разбирање со кој се воспоставува рамка за унапредување на економската и деловната соработка меѓу двете институции, со цел создавање нови можности за компаниите од Северна Македонија и Индија.

Меморандумот, во име на Стопанската комора на Северна Македонија и во присуство на извршниот директор Антони Пешев, го потпиша д-р Никица Мојсоска-Блажевски, потпретседател на Управниот одбор, а во име на ASSOCHAM, Саураб Сањал, генерален секретар на организацијата.

Со Меморандумот двете институции се обврзуваат да работат на продлабочување на билатералната економска соработка преку размена на информации за трговски и инвестициски можности, поттикнување на партнерства меѓу компаниите, организирање деловни делегации и трговски мисии, како и коорганизација на конференции, бизнис-форуми, семинари, работилници и други настани од заеднички интерес.

Посебен акцент е ставен на промовирањето на инвестициите, иновациите, технолошката соработка, претприемништвото и поврзувањето на компаниите, инвеститорите, стартапите и другите релевантни чинители од двете земји. Воедно, предвидено е изготвување годишни работни планови со кои ќе се дефинираат приоритетните активности и сектори за соработка.

На состанокот, од страна на двете бизнис организации беа презентирани активностите, можностите за соработка и потенцијалите за инвестиции, со цел унапредување на деловните врски.

ASSOCHAM е најстарата национална стопанска комора во Индија, која претставува повеќе од 450.000 компании преку својата мрежа на регионални и секторски комори.

Индија денес е меѓу водечките светски економии со вкупна надворешно-трговска размена од околу 1,84 трилиони американски долари во фискалната 2026 година, при што вкупниот извоз достигнува 860 милијарди, а увозот 979 милијарди американски долари. Нејзини најзначајни извозни производи се инженерските производи, нафтените деривати, електронската опрема, фармацевтските производи и хемиската индустрија, додека најголеми извозни пазари се САД, Обединетите Арапски Емирати, Кина, Холандија и Обединетото Кралство.

Вкупната трговска размена меѓу Република Северна Македонија и Република Индија во периодот јануари – април 2026 година изнесува 39,1 милиони американски долари. Од нив, македонскиот извоз достигнува 574 илјади американски долари, а увозот 37,5 милиони американски долари.

Најмногу се увезува трактори, антибиотици, глазирани керамички плочки и коцки за мозаик, телефонски апарати, лекови во дозирани форми и семе од сусам.