„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Најново од комората

Претседателот Азески на отворање нов роботизиран погон на фабриката „АСП-ПАК“ во Охрид

10.11.2026

| Новости

Инвестиција од 10 милиони евра

Компанијата АСП-ПАК од Охрид за производство на плетени полиетиленски производи за пакување, како и мрежи за земјоделството, градежништвото и индустријата, и формално ја почна постапката за изградба на производствен погон што треба да биде целосно роботизиран и да користи апликации базирани на вештачка интелигенција.

Компанијата која извезува во повеќе од 50 земји и соработува со над 500 клиенти, истакнува дека по завршувањето на проектот, ќе се обезбеди двојно поголем производствен капацитет, стопроцентен квалитет на производите, преполовување на роковите за испорака, како и просечна плата на вработените од 1.500 до 2.000 евра. Во име на компанијата пред присутните се обрати директорот на АСП-ПАК, Кирил Спасески, кој се заблагодари за поддршката од Владата и за препознавањето на потенцијалот на инвестицискиот план, како и за склучувањето договор за стратешко партнерство и како што истакна ова не е само финансиска поддршка, туку е ветер во грбот, признание дека АСП-ПАК е на вистинскиот пат, но и уште поголема одговорност што треба да се оправда. Со ова партнерство вели Спасески, добиваме и нов член на нашиот тим пред кого имаме обврска да одговараме за резултатите и за сè што правиме.

 
 

Инаку, објектот и проектот на охридската компанија, активна и долгогодишна членка на Стопанската комора со учество во органите и телата на СКСМ, е вреден 10 милиони евра, и е во партнерство со Владата на РСМ. Поддршката доаѓа согласно проекциите дека инвестицијата има голема додадена вредност и дека ќе се работи на дополнително потврдување на нејзината водечка позиција на светскиот пазар.

 
 

Како посебно значаен момент е фактот што новата производствена линија ќе биде целосно роботизирана и ќе користи апликации на вештачка интелигенција.

Компанијата АСП-ПАК е основана во 2000 година како мал семеен бизнис за производство на плетени полиетиленски производи за пакување, како и мрежи за земјоделството, градежништвото и индустријата.