„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, ректорот на Универзитет “Гоце Делчев” проф. д-р Дејан Мираковски и градоначалникот на општината, Иван Јорданов, потпишаа Иницијатива за основање на Иновациски центар во Штип, чија цел е да се поттикне претприемништвото кај младите и да се овозможи развој на нови бизниси со поддршка од универзитетот, локалната самоуправа и бизнис-заедницата. Со иницијативата се отвора можност за воспоставување системска соработка меѓу академската заедница, локалната самоуправа и бизнис-секторот, со цел задржување на младите во регионот и создавање конкурентни компании со потенцијал за настап и на меѓународниот пазар.
Претседателот на Комората, Азески, нагласи дека „Иницијативата има важност бидејќи се прави со Универзитетот кој прв ги следи потребите на бизнисот преку истражувачките центри и со Општината која е лидер во регионот и каде има најголем број регистрирани домашни компании“, со што се потврдува намерата на Универзитетот дека е подготвен да партиципира во процесот на трансформација на образованието во насока на потребите на бизнисот.

Штип, како што истакна Азески, е значаен од повеќе аспекти, како Центар за рамномерен регионален развој, има докажан и потврден Универзитет кој со својата истражувачка активност и лабораториските центри претставува пример за препознавање на поврзување на бизнисот со науката, а истовремено е град со доминантно регистрирани домашни компании. Во таа насока Штип треба да се гледа како центар на Источна Македонија, индустриска база, особено и поради развиеноста на деловни капацитети кои придонесуваат во економската слика на државата со акцент на рудниците.
Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, истакна дека станува збор за заеднички напор на сите релевантни чинители во регионот. За УГД Иницијативата е важна и од аспект на образованието бидејќи нејзиното ставање во функција ќе овозможи студентите директно со поддршка на бизнисот да размислуваат за креирање сопствени бизниси но и работно ангажирање во државата без да размислуваат за иселување надвор.
Градоначалникот на Штип Иван Јорданов, посочи дека иницијативата претставува чекор кон подобрување на условите на пазарот на труд и капитал, како и кон зајакнување на регионалниот развој и дека ваквите активности се добра основа регионот да почне полека да се менува од традиционалната трудо-интензивна индустрија, кон индустрии кои носат поголема додадена вредност, иновативни решенија и технолошки развој.
Иницијативата беше потпишана во рамки на работната посета што претседателот Азески ја реализираше на Универзитетот „Гоце Делчев“ – во Штип, со ректорот проф. д-р Дејан Мираковски и со градоначалникот на Општината, Иван Јорданов.
На средбата учествуваа и членови од Управниот одбор на СКСМ кои за оваа иницијатива посочија дека е почеток на процес кој треба да донесе поквалитетен кадар за потребите на стопанството.