„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Најново од комората

Претседателот Азески на состанокот на Меѓународниот советодавен одбор на Економскиот факултет во Љубљана

04.11.2026

| Новости

На 22 октомври 2026 година се одржа редовниот состанок на Меѓународниот советодавен одбор (IAB) на Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана (UL SEB), една од водечките европски бизнис-школи која поседува врвни меѓународни акредитации и високи позиции на глобалните рангирања. Како претседател на Стопанската комора на Северна Македонија и претседател на Коморскиот инвестициски форум (WB6 CIF), Азески активно учествуваше во работата на ова елитно тело кое ги трасира стратешките насоки за поврзување на високото образование со потребите на реалниот сектор.

Советодавниот одбор обединува глобално истакнати академски авторитети и високи претставници на меѓународниот бизнис. Посебна тежина на овие дискусии им дава токму присуството на истакнати професионални лидери кои управуваат со значајни корпоративни системи и инвестициски структури:

  • м-р Валтер Лебан – главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на словенечкиот индустриски гигант „Колектор“ (Kolektor d.d.);
  • Паола Папаниколау – раководител на Одделот за меѓународни банки во групацијата „Интеза Санпаоло“ и член на Инвестицискиот комитет на NEVA SGR;
  • Бранко Жибрет – партнер, извршен директор и член на Одборот во реномираната глобална консултантска куќа „Керни“, Австрија;

Академскиот кадар на одборот го сочинуваат еминентни декани и професори од водечки европски универзитети: проф. Ана Паула Африкано С. Силва (Универзитет во Порто), проф. Ана Бломбек (Јенчепинг бизнис-школа, Шведска), проф. Алис Гијон (декан на СКЕМА бизнис-школата во Франција и претседавач на „Higher Education for Good Foundation“), проф. Хана Холмс (декан на бизнис-школата при Градскиот универзитет во Манчестер) и проф. Маркус Рудолф (Ото Бајсхајм школа за менаџмент – WHU, Германија). Од страна на домаќинот, Еконмомскиот факултет во Љубљана, присуствуваше раководството предводено од деканот проф. Томаж Турк, продеканите проф. Мојца Индихар Штембергер, проф. Полона Домаденик Мурен, проф. Матеја Дрновшек, генералниот секретар Тилен Балон, како и професорите Андреја Цирман, Даша Фарчник, Дарја Пељхан, Барбара Чатер и д-р Нуша Петек.

Врвни резултати и трансформација низ призмата на новите технологии

На виртуелниот состанок, раководството на факултетот ги презентираше извонредните резултати остварени во текот на 2026 година, кои бележат раст на странските студенти (кои сочинуваат над 21% од вкупниот број), 17 програми за двојна диплома, како и високи пласмани на престижната листа на „Фајненшл тајмс“, каде програмата „IMB“ е на 29. место во светот.

Во фокусот на стручните презентации беше и моделот на општествено влијание, како и потребата од прилагодување на наставните планови во дигиталната ера. Преку работилниците за извршно образование и информативните платформи, факултетот веќе активно работи на преквалификација и доквалификација на кадарот во областа на стратешкиот менаџмент, анализата на податоци и примените на генеративната вештачка интелигенција.

Импликациите и ризиците од експанзијата на вештачката интелигенција

За време на дискусијата, членот на одборот Валтер Лебан, од аспект на реален индустриски лидер, посебно се осврна на актуелниот глобален „бум“ на вештачката интелигенција и брзите структурни промени што таа ги наметнува во оперативното работење. Лебан нагласи дека паралелно со импресивниот раст на продуктивноста и автоматизацијата, бизнисот се соочува со сериозни прашања поврзани со безбедноста на податоците, регулаторната усогласеност, трошоците за воведување и потребата од брзо редефинирање на работните места. Тој подвлече дека образовните институции мора навремено да создаваат профили кои ќе знаат критички и стратешки да управуваат со алатките на вештачката интелигенција, а не само да бидат пасивни корисници на технологијата.

Обраќање на претседателот Азески: Националните и глобалните економски предизвици

Во своето излагање пред меѓународниот совет, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, ги претстави актуелните предизвици со кои се соочува македонската економија, ставајќи ги во поширок регионален и светски контекст.

Азески посочи дека македонскиот приватен сектор на домашен терен се бори со хроничниот дефицит на стручен кадар, структурната потреба од брза енергетска транзиција, логистичките притисоци и неопходноста за зголемување на продуктивноста кај домашните компании, особено малите и средните претпријатија. Овие национални предизвици целосно кореспондираат со глобалните неизвесности — фрагментацијата на меѓународната трговија, геополитичките тензии, забавениот европски раст и строгите барања за одржливост. Според него, само преку агресивно инвестирање во вештини, примена на применета наука и соработка меѓу институциите од Западен Балкан и ЕУ може да се изгради отпорност на пазарот.

Овој состанок уште еднаш ја потврди посветеноста на Стопанската комора да биде гласот на бизнисот на највисоките меѓународни академски и стратешки форуми, со цел да се обезбеди квалитетен развој на знаења што директно одговараат на економската реалност.