„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Искуство на Словенија за развој на македонскиот бизнис

04.02.2026

| Актуелно

 Амбасадорот на Р. Словенија во Македонија Н. Е. Грегор Прескер и економскиот советник во амбасадата Горан Kриж, во Стопанската комора со претседателот Бранко Азески разговараа за начините и потенцијалите за продлабочување на соработката на двете земји и можност Словенија да биде една од земјите ментори на државата на патот кон ЕУ како стратегија кон која цели Македонија.

Претседателот Азески посочи дека искуството на Словенија но и знаењето и решенијата кои ги применуваат за позиционирање во Европската Унија, а имајќи го предвид фактот дека сме две држави многу блиски по повеќе аспекти, е од исклучително значење за нашата земја и треба да се искористи многу повеќе. Не случајно амбасадорот на Р. Словенија, заедно со останатите амбасадори од земјите членки на ЕУ е дел и од Бизнис клубот кој го основаше Стопанската комора каде членуваат и значајни македонски компании, членови од академската фела и експерти од областа на евроинтеграциите, со единствена цел, преку искуствата на земјите членки да се обезбеди креирање бизнис амбиент и македонските стопанственици полесно да се приближуваат со технологија, искуство, знаење, кон ЕУ пазарите.

Од особена важност е што во континуитет Словенија во Македонија има амбасадори кои се интересираат за индустријата и економијата вели Азески. Како потврда на тоа е и фактот дека Р. Словенија е петта земја инвеститор во државата со 600 милиони вра инвестирани во повеќе сектори со реномирани компании во финансискиот сектор, металната и електро индустријата, прехраната и сл.

Амбасадорот Прескер потенцираше дека словенечките компании кои веќе инвестирале во Македонија со околу 3.500 вработени, имаат долгорочна стратегија и визија за работа на овој пазар. Образованието во Словенија нуди поволности за македонските студенти кои се, како што рече амбасадорот, втора нација по бројност на студии кај нив и најави бизнис делегација за средината на оваа година од Словенија која има намера да дојде во Македонија за продлабочување на соработката и отворање нови деловни врски и бизниси. За одбележување е дека расте и интересот за инвестиции во обратна насока на македонски компании во Словенија, каде освен Алкалоид и ИГМ Трејд, интерес има и од градежен сектор. Амбасадорот укажа дека за земјата е од особено значење да работи на обезбедување соодветна деловна клима, сигурен правен систем кој нуди гаранција за предвидливост на странските инвеститори, а заеднички беше констатирано дека е потребно ангажирање на сите засегнати страни во имплементација на законската регулатива која постои во државата но каска примената, воспоставување образование за потребите на бизнисот и регулирање на реалната стапка на невработеност.

Потенцијалот за соработка Словенија го гледа освен во секторите во кои е веќе присутна и во поттикнување на агротуризам каде може да помогне со своите искуства како да се зајакне улогата на малите фарми во Македонија како атрактивна туристичка дестинација. На полето на туризмот можност за развој има и на термалниот туризам, зимските спортови (скијање), параглајдингот и сл., но важно е и делувањето на полето на животната средина каде Словенија е лидер во примена на успешни политики и препознаена како „зелена дестинација“.