„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Минатата недела како во ист период да се споија три-четири активности што ги работиме 10-ина години наназад.
I. Инвестициска платформа
1. На средбата во Комората со Здружението за градежништво и со потпретседателите на Комората, премиерот официјално обелодени дека од 1 септември ќе профункционира инвестицискиот пакет, на кој работиме веќе една година, како заедничко тело на Владата и Комората за забрзување на процесите. Станува збор за активности врзани за постојната изградба на автопатиштата низ Македонија (Кичево – Охрид, Прилеп – Битола, Гостивар – Кичево), автопатот спрема косовската граница и модернизација на повеќе патни правци.
2. Започнување на изградбата на пругата од српската до грчката граница
3. Одржување и воведување нови авиодестинации
4. Овие, како и приватните инвестиции на нашите компании и другите локални проекти, треба да се стават во функција на бизнисот, како основа и темел на неговиот развој, и да бидат пробен балон за нашата подготвеност да бидеме дел од европското семејство.
II. Вештини во високото образование
По успешната реформа со дуалното средно образование, конечно го отворивме и прашањето за вештините во високото образование. Тоа значи дека по донесувањето на Законот за високо образование и активностите на бизнис-заедницата, ќе се заокружи системот во кој конечно образованието ќе се стави во функција на бизнисот и ќе се образува кадар потребен за остварување на неговата функција. Комората е подготвена и кадровски и организациски да го поттикнува овој процес, кој е од круцијално значење, и ако не беа кризите изминатиот период, ќе беше централно прашање на нашето работење.
III. Промена на регулативата
Промената на регулативата во јавните набавки, статистиката и Законот за празници минатата недела, исто така, го поминаа филтерот низ телата на Комората и набргу ќе бидат испратени во Владата.
IV. Меѓународни настани
Најавувам голема конференција за одржливиот развој на почетокот на јули, во организација на УНДП, Владата и Стопанската комора, и исто таква конференција во ноември за односот на екологијата и индустрискиот развој.
V. Коморски инвестициски форум
Продолжуваат нашите активности во Коморскиот инвестициски форум, како основачи на ова значајно регионално тело основано во 2015 година во рамките на Берлинскиот процес, предводен од Ангела Меркел, со седиште во Трст, Италија, кое претставува 350.000 компании од Западен Балкан. По големиот број проекти за подигнување на институционалниот капацитет, заедничкиот настап на саемски манифестации и формираните конзорциуми во рамките на Регионалниот фонд за предизвици, преку кој многу компании и партнерства за стручно образование и обука веќе имаат корист од модернизираните објекти, новата опрема и од подобрените програми за обука, ова тело претставува основа за раздвижување и развој на земјите од ЗБ, но и институција која дава свое мислење за економските политики на ЕУ спрема Западен Балкан.
VI. Еурочемберс
Можам да најавам дека во Стопанската комора ќе дојде и претседателот на Асоцијацијата на европските трговско-индустриски комори Еурочемберс, Владимир Длухи, кој на 2 јули ќе ја посети нашата комора и со кого ќе разговараме за меѓусебната соработка. Еурочемберс е европска мрежа која претставува повеќе од 1.700 регионални и локални комори со повеќе од 20 милиони компании членки во Европа. Таа e првата бизнис-организација која е основана на европско ниво по потпишувањето на Римскиот договор, а чија мисија е да ги поддржи коморите во промовирањето на европската интеграција во земјите членки и да биде гласот на бизнисот во институциите од ЕУ.
Сите овие активности се во функција на нашите компании за да ги зголемат својата иновативност и извозот и за да произведуваат производи со додадена вредност. Тука мора да кажам и да ѝ оддадам признание на Владата на Република Македонија, која во последните два месеци сите билатерални владини посети ги направи заедно со бизнис-делегации (Австрија, Унгарија, Хрватска, Турција, Швајцарија) и со тоа ни помогна да ги оствариме целите за кои сме основани.