„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Голема дијаспора, мала економска соработка

06.05.2026

| Новости

 Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, со претседателот на Македонската асоцијација за рударство (МАР) при Комората, Диме Петроски и потпретседателите на Асоцијацијата, реализираа работна средба со амбасадорот на Австралија со седиште во Белград за Србија, Македонија и Црна Гора, Н.Е. Петер Трусвел. На средбата присуствуваа и Зоран Костовски, конзул на Австралија за нашата земја и Стеван Васиќ, од одделот за политика – економија/трговија и развој на бизнисот во амбасадата во Белград.

На работната средба, претседателот Азески ја истакна важноста и потребата за продлабочување на соработката со земја како што е Австралија, ако се земе предвид фактот дека македонската дијаспора таму се проценува на околу 200 илјади македонски граѓани.

„Потенцијал за соработка има на многу полиња, а од младите генерации кои доаѓаат се очекува да го искажат многу повеќе интересот за продлабочување на бизнис врските меѓу Македонија и Австралија“, вели Азески. „Токму затоа бизнис-заедницата треба да е подготвена и ние во таа насока и работиме“.

Комората, потенцира претседателот Азески, со 104 години традиција поминала два система, опстоила во три последователни држави, и има долгорочна традиција на функционирање на индустриските дејности, носители на економскиот развој на државата. Комората како претставник на бизнисот е подготвена за ширење на економската соработка на различни пазари, вклучително и австралискиот, иако доминантно делува на европските пазари. Но потребата од диверзификација е многу повеќе од потребна ако се земе предвид и турболентното интернационално економско функционирање. Дополнително, вели претседателот на Стопанската комора, на патот до Австралија има доста земји преку кои партнерски може да се продлабочува соработката, како Индија, Виетнам, Филипини, Обединетите Арапски Емирати и др.

Потенцијал за проширување на соработката има и преку Коморскиот инвестициски форум – КИФ, со кој од средината на јуни ќе претседава претседателот Азески, за што самиот и го покани амбасадорот при првиот состанок во Белград да реализира заедничка средба со шесте претседатели на коморите од регионот на Западен Балкан.

Амбасадорот на Австралија, Н.Е. Петер Трусвел истакна дека земјата има интерес за соработка на полето на рударството, каде имаат доста успешни компании -претставници во многу земји во светот, но и во делот на земјоделието, каде исто така се позиционирани како солидни извозници, но и со потенцијал на увоз на одредени призводи од Македонија на нивната територија. „Влезот на австралиски компании во Македонија како инвеститори може да поттикне нови вработувања, вложувања, пренос на знаење и сл.“, вели амбасадорот Трусвел.

Од страна на Комората беше запознат и со структурата на Коморското делување преку 17 здруженија, 5 асоцијации, меѓу кои важни асоцијациите за рударство, енергетика, отпад, Советите за средно и високо образование, Советот на странски инвеститори и сл. Интерес за соработка постои и во делот на дигитализацијата и зелената агенда.

Вкупната трговска размена на РСМ со Австралија за периодот јануари – декември 2025 година достигна вредност од 11,4 милиони САД $, што споредено со истиот период од 2024 г. бележи пад од 7 %. Австралија е 63-ти трговски партнер на Република Северна Македонија, а во размената со Австралија остваруваме суфицит од 4,7 милиони САД $. Во структурата на размената на страната на извозот застапени се зеленчук, машини и други возила за специјална намена, а од Австралија увезуваме сурови кожи (овчи и јагнешки), бадеми (свежи или суви), нелегиран никел и карбонати.