„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Одржан Бизнис- форум и билатерални средби меѓу компаниите од Северна Македонија и Словачка

19.02.2026

| Актуелно

Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија, SARIO и Амбасадата на Словачка во Република Северна Македонија, организираше Бизнис- форум и билатерални средби меѓу компании од Северна Македонија и Словачка.

Настанот беше организиран по повод работната посета на словачката бизнис делегација предводена од министерот за финансии на Словачка, Ладислав Каменицки.

Форумот го отворија министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и министерот Каменицки.

Учествуваа над 60 компании од двете земји и институции кои преку директни билатерални средби ги презентираа своите производи и услуги, разменија искуства и иницираа конкретни разговори за идни партнерства и инвестиции.

Потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Ѓорѓи Петрушев во своето воведно обраќање пред присутните истакна дека политичкиот дијалог на високо ниво создава стабилна рамка за соработка, но дека вистинската вредност ја создаваат компаниите – преку инвестиции, трговија, иновации и партнерства.

„Економските односи меѓу нашите две земји бележат позитивен тренд, со трговска размена од 340,2 милиони долари во 2025 година и значителен раст на извозот. Сепак, фактот што Словачка е 17-ти трговски партнер на Северна Македонија покажува дека постои сериозен неискористен потенцијал. Нашата заедничка цел треба да биде продлабочување на соработката преку нови инвестиции, индустриско поврзување и интеграција во европските синџири на вредност“, нагласи Петрушев.

Тој посочи дека можности за унапредување на соработката постојат во автомобилската индустрија, енергетиката и зелената транзиција, дигиталните технологии, инфраструктурата и иновациите, при што заедничките инвестициони проекти и трансферот на знаење ќе придонесат за поголема конкурентност и отворање нови работни места.

„Како Стопанска комора остануваме посветени на градење мостови меѓу бизнис-заедниците и создавање конкретни можности за економска соработка“, порача Петрушев.

Министерот Муцунски изјави дека покрај постојната трговска размена во автомобилската индустрија и кај одредени хемиски производи, постојат нови потенцијали во енергетиката, ИКТ-секторот и индустриите со висока додадена вредност, при што посебно беше нагласена промоцијата на македонското вино како извозен бренд.

Министерот Каменицки оцени дека претприемачите се движечка сила на економскиот раст, носители на иновации и мост меѓу државите, додавајќи дека форумот претставува платформа за поврзување на идеи, искуства и иновации и сигнал за интензивирање на досегашната соработка.

Во рамки на Форумот беше потпишан и Меморандум за разбирање, со кој дополнително се зајакнува институционалната и деловната соработка.