„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Најново од комората

Претседателот Азески во посета на општинскиот електромашински училиштен центар „Св. Наум Охридски“ во Охрид

13.11.2026

| Новости

Репортажа-Училиштен центар со најмногу договори за практична работа на ученици, дури 80 компании

Претседателот на Стопанската Комора Бранко Азески, со тим од органите и телата на Комората реализираше работна средба со Сашо Недески, директор на општинскиот електромашински училиштен центар „Св. Наум Охридски“ во Охрид и неговите соработници.

Целта на посетата беше потврда на остварените резултати на училишниот центар кои формално соработува со 80 компании од различни дејности и од различна големина, меѓу кои: Костал Македонија; ЛТХ Леарница; Одв-електрик од Струга; Јонгис; Дебарца Експрес Дооел; Сматс; Охридски; Астра Дизајн; Дизајн-принт студио; Иноспектар ДООЕЛ; Братство ИНОХ; ДАСС Инженеринг; Електромонтажа Ристески; ФИ-ЕЛ-ЛЕС; ЕВН; АМД технички преглед на возила; Авто школа БЛЕГ; Авто школа СТАРС; Магна мирорс, Струга; ЈП Нискоградба; АД ГАЛЕБ, општина Охрид; министерство за внатрешни работи СВР Охрид и др. Преку соработката со компаниите и институциите, се овозможува практична примена на реализацијата на дуалниот модел на образование според кој, учениците ја реализираат практичната обука во компаниите, а опремени се и серија лаборатории за реализација на практична настава и во самиот училиштен центар. 

 
 
 
 

Директорот на општинскиот електромашински училиштен центар „Св. Наум Охридски“, Сашо Недески пред претседателот Азески и делегацијата од Комората (д-р Ристо Јаневски, претседавач на Собранието на СКСМ, д-р Никица Блажевска, Мојсоски, потпретседател на УО на СКСМ, м-р Анотони Пешев, извршен директор на Комората и Кирил Коровешоски, директор на ГС1 Македонија), посакувајќи добредојде имаше чест да ги претстави работните простории на училишниот центар, сервисниот центар, лабораториите, кои се направени по негова иницијатива со поддршка на компаниите од регионот, но и значајната поддршка на Стопанската комора за реализација на учењето преку работа и воспоставување дуален систем на образование.

 
 

Како што посочи Недески, следејќи ги потребите на стопанството за образован стручен кадар за потребите на бизнисот, од учебната 2018/2019 година во ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во соработка со компаниите „Костал“, „ОДВ Електрик“ и „ЛТХ Леарница“ започна реализацијата на дуално образование со една пилот паралелка во секторот електротехника за квалификацијата „Техничар за индустриска мехатроника“, а од учебната 2019/2020 година се формира уште една дуална паралелка во секторот машинство за квалификацијата „Техничар за производно машинство“.

 
 

Денеска училишниот центар располага со седум опремени работилници и ИТ центри, со исполнета квота на ученици кои спроведуваат практична обука, а де од нив се во дуални паралелки и согласно напорната и активна организациска координираност резултатот е видлив - добитник е на бројни награди и признанија: „7-ми Ноември“, највисокото признание на град Охрид за особено значајни остварување во областа на техничката култура; златната плакета од работната организација „Галеб“. Советот на „Средбите и деновите на просветните работници на Република Македонија“ во 1990 година го награди центарот со мини библиотека како најуспешен во Република Македонија од средното образование.

Професорскиот тим во центарот заедно со учениците, учествуваат на државни и меѓународни натпревари, како и на државниот натпревар „Лидер на струка“ на кој во 2014, 2016, 2017 и 2018 година е прогласен за Лидер во сообраќајната струка, во 2015 година беше лидер во електротехничката струка, а во 2018 година и Лидер на машинската струка во Република Македонија. Од 2015 година е дел од меѓународниот натпревар „Балкан Јуниор“ со учениците од средните стручни училишта од Истанбул (Турција), Велење (Словенија), Ваљево (Србија), Тешањ (Босна и Херцеговина), Лабин (Хрватска), Никшиќ (Црна Гора) и Констанца (Романија), при што во 2019 година беше и домаќин на Седмиот натпревар „Балкан Јуниор“.

 
 

Историски гледано, општинскиот електромашински училиштен центар започнал со работа пред 60 години во учебната 1966/1967 година како резултат на стопанската ориентација на општина Охрид и подготовка на кадри од металската насока за потребите на тогашната металска индустрија за фабриките „Братство“, „Херој Тоза Драговиќ“ и „Езерка“. Покрај метална и електро струка, од 4 паралелки со 140 ученици и наставен кадар од 4 професори и 3 хонорарни инженери, денеска брои 73 вработени (од кои 58 се наставници), а во него учат околу 800 ученици. Денес, застапени се секторот машинство, електротехника, сообраќај и лични услуги.

Согласно сите досегашни достигнувања на училишниот центар и прилагодување на потребите на бизнисот во интерес на креирање стручен кадар како и амбициозноста на директорот Сашо Неданоски во неговиот девет годишен мандат на чело на оваа образовна установа, претседателот Азески му додели статуетка со коморски знак во чест на благодарност за препознавањето на взаемната соработка во интерес на стопанството и издигнување на училишниот центар на достојна образовна институција каде учениците согласно амбиентот имаат интерес да го дадат својот максимум и да станат одлични работници во својата земја.