„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Најново од комората

Национална конференција „Еврокодови 2.0 – Од стандардизација до национална имплементација“

25.09.2026

| Новости

На 25 септември 2026 година, во просториите на Стопанската комора на Северна Македонија, се одржа Националната конференција „Еврокодови 2.0 – Од стандардизација до национална имплементација“, посветена на потребата од што поскоро воведување и започнување на процесот на имплементација на Еврокодови во земјата.

Конференцијата претставуваше значаен чекор кон усогласување на македонската инженерска и градежна практика со новите европски стандарди. Особено значајно беше што на едно место се обединија клучните институции, академската заедница, инженерската фела и градежниот сектор – како најзаинтересирани чинители за успешното воведување и практична примена на Еврокодовите.
Во рамки на настанот беше потпишана Предлог иницијатива за имплементација на втората генерација на Еврокодовите за периодот 2027–2030 година, со која релевантните институции и организации ја потврдија својата определба за координирана соработка во процесот на нивно воведување и примена.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески во своето воведно излагање на Конференцијата истакна дека се што значи имплементација на нови стандарди, е основа на која треба да работат и компаниите и министерствата, за да нашата држава фати чекор со европскиот пазар. Комората секогаш била поддржувач на овие настани бидејќи само со развиено стопанство и особено градежништво тоа ќе се одрази на економската состојба на државата генерално.
Претседателот на Здружението за градежништво, градежни материјали и неметали при Стопанската комора, Андреа Серафимовски, исто така истакна дека процесот на воведување на Еврокодовите несомнено ќе носи предизвици, но дека градежниот сектор е подготвен активно да се вклучи во нивното надминување и во целост да го поддржи процесот кој ќе донесе раст и развој на градежништвото.
„Знаеме дека процесот има многу тешкотии кои треба да се преминат, но тука сме да ги преземеме сите наши активности со цел инженерите побрзо да ги совладаат Еврокодовите, а државата да ги воведе како национални стандарди, за да фатиме чекор со процесите што се одвиваат во Европа“, изјави Серафимовски пред почетокот на конференција.
На потребата од правилно разбирање на придобивките од Еврокодовите се осврна и деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Јосиф Јосифовски, посочувајќи дека примената на Еврокодовите не значи автоматски и зголемување на трошоците за градење туку побезбедно и поквалитетно градење.
„Еврокодовите се флексибилни и дозволуваат трошоците да се дефинираат зависно од потребите. Постои мислење во пошироката јавност дека со воведувањето на Еврокодовите се воведуваат поголеми стандарди, што можно е да ја зголемат цената на градбата, но тоа не е нужно. Целта секогаш треба да ни биде квалитетот и безбедноста“, истакна Јосифовски.
На конференцијата свои обраќања имаа и заменик-министерот за економија и заменик-министерката за транспорт, кои ја истакнаа важноста на досегашната соработка со Стопанската комора и со претставниците на градежниот сектор. Тие посочија дека институциите и стопанството имаат заеднички интерес во создавањето услови за понатамошен развој на градежниот сектор и дека токму ваквите иницијативи претставуваат основа за продолжување на координираната соработка.
Воведувањето на втората генерација Еврокодови претставува процес кој бара активна вклученост на сите релевантни чинители – од институциите и стандардизациските тела, преку академската заедница и инженерите, до компаниите кои директно ги применуваат стандардите во своето секојдневно работење.
Со потпишувањето на Предлог иницијатива од страна на Градежниот факултет – Скопје, Институтот за стандардизација, Комората на овластени архитекти и овластени инженери и Стопанскa комора на Северна Македонија, учесниците испратија порака дека процесот треба да се темели на координација, знаење и постепена подготовка на целокупниот сектор, со цел македонската инженерска и градежна практика да се приближи до европските стандарди и современите процеси во градежништвото.