„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Работилница за одржлив туризам

05.05.2026

| Новости

 Во организација на Стопанска комора на Северна и Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАЈТАМ), се одржа работилница на тема „Одржлив туризам и ЕУ стандарди: Патот кон зелена трансформација“.

Работилницата имаше за цел да ја потврди важноста на одржливиот пристап во туризмот за да се обезбеди зелена трансформација и поголема конкурентност на дестинациите, како и да се изградат капацитети, да се зголеми свеста за одржлив туризам кај учесниците и да се обезбедат насоки за туристичкиот сектор во Македонија за подобрување на нивната подготвеност за новите ЕУ регулативи за одржливост и сертификација.

Јана Апих, директор на Good Place и извршен директор на Green Destinations Foundation, ја претстави успешната приказна на „Slovenia Green“, новите европски барања за одржливост и регионалните случувања во развојот на туризмот.

Професорот Сашо Коруновски зборуваше за планот и временската рамка за развој на националната стратегија за туризам (2027-2032) и важноста на принципите на одржливост.

Александар Донев од Mustseedonia, претставник на GreenDestinations во МК, зборуваше за развојот на сертификацијата во македонскиот туристички сектор, преку примерите на Вевчани и Крушево.

Туризмот во Северна Македонија сè повеќе се препознава како сектор со значителен потенцијал за одржлив и извозно ориентиран раст, потпирајќи се на богатите природни ресурси, културното наследство и автентичните туристички искуства што ги нуди нашата земја. Сепак, и покрај постоењето на одредени практики поврзани со одржливоста, тие историски беа нерамномерно разбрани, недоволно конзистентно комуницирани и ретко поврзувани со пазарното позиционирање и меѓународната конкурентност.

На институционално ниво, засегнатите страни во туризмот исто така се соочуваат со предизвици во дефинирањето на одржливоста на практичен начин и во трансформирањето на глобалните концепти во применливи насоки за бизнисите. Комората ја истакнува потребата од појасни рамки и практични алатки, кои ќе им овозможат на туристичките субјекти подобро да ги разберат барањата за одржливост, кредибилно да ги комуницираат своите практики кон меѓународните партнери и постепено да се усогласат со признати сертификациски шеми.

На настанот присуствуаа ескперти, претставници на општини и на приватниот сектор, а се реализираше со поддршка на швајцарските програми СИППО и ИМЕ (Increasing Market Employability).