„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Институционализирана соработката меѓу Комората и ИНОВА - долгорочно и стратешко партнерство насочено кон развој на иновациите, технолошкиот напредок и претприемништвото

29.04.2026

| Новости

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, и директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, потпишаа Меморандум за соработка, со кој се поставуваат основите за долгорочно и стратешко партнерство насочено кон развој на иновациите, технолошкиот напредок и претприемништвото во државата. Соработката се институционализира со јасна заедничка заложба за создавање поиновативна, конкурентна и одржлива економија, базирана на знаење, нови технологии и силна соработка меѓу институциите, бизнис секторот и научно-истражувачката заедница.

„Со овој меморандум правиме важен чекор кон создавање посилна врска меѓу бизнис заедницата и институциите кои го поддржуваат иновацискиот развој. Нашата цел е да им обезбедиме на компаниите конкретна поддршка за зголемување на нивната конкурентност, преку пристап до нови технологии, знаење и финансиски инструменти“, посочи претседателот Азески.

„Партнерството со Стопанската комора е од клучно значење за креирање политики и мерки кои се усогласени со реалните потреби на бизнис секторот. Преку оваа соработка ќе работиме на развој на силен иновациски екосистем, кој ќе ги поттикнува стартапите, ќе го забрза трансферот на технологии и ќе отвори нови можности за раст и развој на компаниите“, посочи директорката на ИНОВА, Даниела Димовска.

Со овој меморандум, двете институции ќе работат на унапредување на иновацискиот и технолошкиот екосистем во земјата, преку поддршка на стартапи, мали и средни претпријатија, како и преку поттикнување на индустриски истражувања и развој. Посебен акцент ќе се стави на трансферот на технологии и на зајакнување на врските помеѓу бизнис секторот, универзитетите и научно-истражувачките институции, со цел резултатите од науката да најдат практична примена во економијата.

Соработката ќе опфати и активности насочени кон дигитална трансформација на претпријатијата, преку организација на обуки, развој на дигитални вештини и поддршка за имплементација на напредни технологии како што се вештачка интелигенција, Интернет на нештата и блокчејн решенија. Воедно, ќе се работи и на креирање на конкретни анализи и препораки за унапредување на деловното опкружување и забрзување на технолошкиот развој.

Во делот на финансиската поддршка, меморандумот предвидува заеднички активности за развој на нови финансиски инструменти, како и подобрување на информираноста и пристапот на компаниите до национални, европски и меѓународни фондови. Ќе се поттикнува и вклучување на приватниот сектор во модели на ко-финансирање и развој на инвестициски иницијативи.

Дополнително, партнерството ќе придонесе за поголема меѓународна видливост на македонските компании преку заедничко учество на саеми, конференции и деловни форуми, како и преку вмрежување со регионални и глобални иновациски хабови и вредносни синџири. Важен сегмент од соработката ќе биде и развојот на човечкиот капитал, преку организирање обуки, семинари и работилници, како и поврзување на младите таленти и студентите со деловната заедница.

Со цел ефективна имплементација на предвидените активности, ќе се формира заеднички работен тим составен од претставници на двете институции, кој ќе изработи годишен акциски план со конкретни мерки и активности. Предвидено е редовно одржување на координациски состаноци, со цел следење на напредокот и навремено прилагодување на приоритетите.

Со потпишувањето на меморандумот, двете институции испраќаат силна порака за потребата од координиран пристап и партнерство во градењето на модерна, иновативна и конкурентна економија.