„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од регионални комори

Регионалната комора од Битола дел од „Отворен ден – УКЛО и пријателите“: Поврзување на образованието со бизнис-заедницата

Регионалната комора со седиште во Битола учествуваше на настанот „Отворен ден – УКЛО и пријателите“, организиран од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, кој годинава се одржа под мотото „Извонредност и кариера“.

Во рамки на Отворениот ден, студентите, матурантите и посетителите имаа можност да се запознаат со студиските програми, научно-истражувачките активности и современите образовни практики на факултетите при Универзитетот. Преку презентации, интерактивни содржини и директни средби со професори и претставници на компании, беа претставени можностите за професионален развој, практична обука и вработување по завршувањето на студиите.

Регионалната комора активно се вклучи преку мобилизирање на локалните компании да земат учество на настанот, со цел да ги претстават потребите на пазарот на труд и да воспостават директен контакт со идните кадри. Присуството на компаниите овозможи размена на информации за пракса, стипендии и вработување, како и за развој на партнерства меѓу универзитетот и стопанството. Со тоа, настанот уште еднаш ја потврди својата улога како платформа за поврзување на образованието со реалниот сектор и поттикнување на економскиот развој во регионот.

Регионалната комора со седиште во Битола ќе продолжи да ја поддржува оваа иницијатива и во иднина, со цел создавање квалитетни човечки ресурси и подобрување на конкурентноста на локалната економија.