„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и Павел Усватов, директор на програмата за владеење на правото во југоисточна Европа на Фондацијата Конрад Аденауер потпишаа договор за соработка, со кој се воспоставува рамка за соработка на Комората кон спроведувањето на проектот „Чист бизнис во Северна Македонија“, воден од Фондацијата Конрад Аденауер, насочен кон јакнење на деловниот интегритет во Северна Македонија.
Претседателот Азески посочи дека прашањето за борба против корупцијата подолг период е издигнато како едно од стратешките прашања во приоритетен интерес на Комората, од причина што бизнис заедницата сè повеќе препознава дека корупцијата е сериозна пречка за ефективно и ефикасно владеење на правото, раст и стабилност на конкурентна пазарна економија, како и дека итно се потребни значителни чекори за справување со овој предизвик. За Комората е неспорно дека владеењето на правото мора да биде универзално, и дека борбата против корупцијата мора да се одвива непречено, поради што Комората ги поддржува сите напорите и заложби за борба против корупцијата и за подигнување на свеста за нејзиното влијание врз бизнисот. Посочи и дека потпишувањето на овој договор дополнително ќе придонесе за зголемување на интегритетот на бизнис секторот и ќе ги зајакне напорите за сузбивање на корупцијата во деловното работење.
Павел Усватов од Фондацијата Конрад Аденауер посочи дека како организација дејствуваат поаѓајќи од премисата дека од интерес не е процесот, туку резултатите кои се постигнуваат, и затоа овој проект преку конкретните алатки кои ќе се развиваат поставува специфични цели, кои треба да придонесат компаниите да ги воочуваат придобивките од борбата против корупцијата, и да допринесе дури и најскептичните стопанственици да разберат какви придобивки носи тоа за нивното работење, и убеден е дека со поддршка на Комората тие цели ќе бидат постигнати.
Проектот „Бизнис со интегритет“ (Чист бизнис Северна Македонија – Мобилизирање на мали и средни претпријатија како лидери против корупција) има за цел да ја зајакне улогата на малите и средни претпријатија во унапредувањето на деловниот интегритет, транспарентноста и практиките против корупција. Проектот е ко-финансиран од ЕУ и Фондацијата Конрад Аденауер. Преку развој на алатки, анализи и активности насочени кон поддршка на МСП, проектот создава платформа за посилно, поодговорно и поконкурентно деловно опкружување. Дополнително, проектот има за цел да обезбеди насоки, препораки и конкретни механизми што ќе им помогнат на фирмите да ги препознаат, намалат и управуваат со ризиците од корупција.