„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Нема друга алтернатива за бизнисот освен европската интеграција, Азески на конференција во ЕУ Делегацијата во Скопје

12.03.2026

| Серијал

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, денеска, 12.3.2026 година, ќе настапи на Конференција организирана од канцеларијата на ЕУ Делегацијата во Скопје со социјални партнери и граѓански организации од државата. На панелот – „Учество на организираното граѓанско општество во преговорите за пристапување со ЕУ и спроведувањето на Реформската агенда“, во улога на придружен член на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), Азески ќе говори за определбата и ставот на бизнисот дека, ЕУ останува главен трговски партнер на нашата земја, и за важноста и улогата на европската интеграција, која е пред сè економска и развојна потреба. Застапувајќи ја оваа теза, претседателот Азески лично, минатата година во рамки на Комората, покрена иницијатива за формирање на Бизнис Клубот Европа, со визија, бизнис-заедницата да стане клучен партнер во економската димензија на пристапувањето кон ЕУ и водечка платформа за сите економските теми поврзани со евроинтеграциите преку учество и на академската јавност, релевантните чинители во евроинтегративните процеси и дипломатските претставници од европските земји.

За бизнис-заедницата, неопходно е да има јасен, структуриран и кохерентен дијалог во целиот тек на процесот на пристапување, за на крајот на тој процес да мора да имаме компании кои ќе бидат во целост спремни да се носат со пазарните сили на единствениот пазар, да ја одржат својата конкурентност на тој отворен пазар, но и да придонесуваат кон европските ланци на снабдување – а тоа единствено може да биде постигнато со наша целосна вклученост во текот на целиот процес, вели Азески.

На патот кон ЕУ интеграциите од особено значење се и:

- Реформската агенда, на која бизнис секторот гледа како на клучен инструмент. Но нивото на имплементација е доста скромно – само 4,41% или 6 реализирани реформски чекори. Лани дополнително испорачани се уште 27 чекори од предвидените 41 од страна на државните органи, што е далеку од исполнувањето на зацртаните 136 чекори.

- Подготовка на квалитетни проекти за финансирање, за директни користи за компаниите, но, само доколку се подигне капацитетот на апликациите за целосна искористеност на достапните средства, и преку Планот за раст, но и генерално преку ИПА.

Во тие процеси, Стопанската Комора изразува подготвеност да биде предводник и активен двигател на патот за европска интеграција на македонскиот бизнис-сектор, обезбедувајќи платформа за соработка, партнерство и заеднички напредок.