„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Презентација и обука за пополнување на нов уифициран ЕСГ прашалник

Во денешната динамична економија, успешноста на компаниите не се оценува само според постигнатиот профит. Нивниот долгорочен успех сѐ повеќе зависи од степенот на одговорност во нивното работење. Во овој контекст, животната средина, општествената одговорност и управувањето со системот на вредности (ЕСГ) се од суштинско значење.

ЕСГ е рамка што им помага на компаниите да го измерат своето влијание врз природата, општеството и внатрешните процеси на управување. Таа ги насочува компаниите кон одржливо работење, притоа создавајќи трајна вредност за сите засегнати страни.

Затоа, денес, Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Македонската банкарска асоцијација (МБА) организираа работилница посветена на претставување и обука за пополнување на новиот унифициран ЕСГ прашалник. Работилницата се одржа во просториите на Стопанската комора и е дел од заедничките напори и активности на Стопанската комора и МБА за поддршка на компаниите во воведувањето на одржливи бизнис практики. На настанот присуствуваа 60 компании-членки на Стопанската комора.

Прашалникот е подготвен од ЕСГ Комисијата при Македонската банкарска асоцијација (МБА), со учество на сите банки и поддршка од релевантни институции. Во своето обраќање, д-р Маја Стевкова Штериева, претседателка на МБА, нагласи дека прашалникот претставува првиот унифициран, задолжителен и дигитализиран формулар што сите правни лица во Република Северна Македонија ќе можат да го користат од 1 април 2026 година. Тој е креиран врз основа на меѓународни најдобри практики, но адаптиран според карактеристиките на македонската економија.

Марија Дуковска Павловска, извршна директорка на Макстил и претседателка на Центарот за циркуларна економија при Стопанската комора, ја поздрави изработката на прашалникот и нагласи дека со него се постигнува повисок степен на транспарентност и одговорност.

Целта на ЕСГ прашалникот е да обезбеди сеопфатен увид во напорите што македонските компании ги вложуваат во управувањето со еколошките, социјалните и управувачките фактори. Истовремено, преку пополнувањето на прашалникот се проширува опсегот на информации што влијаат врз кредитните одлуки, а компаниите ќе можат да ги идентификуваат и да ги управуваат ЕСГ ризиците и можностите.

Со ЕСГ прашалникот банките ќе собираат информации за:

- Еколошкото влијание на клиентот или трансакцијата (јаглеродни емисии, потрошувачка на ресурси, употреба на енергија);

- Општествената одговорност (работни практики, вклученост во заедницата);

- Управувачката структура (структура на одборите, политики и процедури, мерки против корупција).

За важноста на ЕСГ за компаниите зборуваа претставници од македонските компании Тиквеш и Алкалоид. Тие истакнаа дека инвеститорите, регулаторните органи и потрошувачите сѐ повеќе бараат од компаниите да демонстрираат одговорност што ги надминува само финансиските резултати. Компаниите што ги интегрираат ЕСГ принципите обично градат посилна репутација, поефикасно управуваат со ризиците, привлекуваат стабилни инвестиции и се адаптираат на глобалните промени.

На кратко, ЕСГ не е само рутинска обврска за нефинансиско известување — тоа е стратегија за одговорен развој. Компаниите што го прифаќаат ЕСГ денес поставуваат основи за поодржлива, порамноправна и поотпорна економија во иднина.