„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
04.03.2026
Предлагач група пратеници
II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА НА ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОН Со предложените измени и дополнувања на Законот за шумите се врши доуредување на членот 69-а, со цел воспоставување јасна и сеопфатна законска рамка за целосно оперативно функционирање на Системот за следење на дрвна маса. Наведениот систем се воспоставува како составен подсистем на Шумарскиот информативен систем, кој претставува централен и основен информативен систем во областа на шумарството и е имплементиран преку софтверски решенија во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Постојното законско решение во членот 69-а не обезбедува доволно прецизни и функционални правни поставки за целосна оперативност на Системот за следење на дрвна маса, што во пракса создава ограничувања во неговата примена и ја намалува ефикасноста на постапките поврзани со следењето на дрвото и дрвната маса. Со предложените измени се создаваат услови за интеграција и непречено функционирање на системот во рамките на постојниот Шумарски информативен систем, со што се овозможува целосно следење на движењето на дрвото и дрвната маса низ сите фази на производствениот и дистрибутивниот ланец. Целта на предложените измени е унапредување на ефикасноста, транспарентноста и контролата во постапката за следење на дрвото, дрвната маса и поврзаните активности, како и зајакнување на надзорната и инспекциската функција на надлежните органи. Преку воспоставување на функционален и технички усогласен систем за следење на дрвната маса се придонесува кон спречување на незаконската сеча, нелегалниот промет и злоупотребите во шумарскиот сектор. Предложените законски решенија имаат за цел да ја подобрат координацијата помеѓу надлежните институции, да обезбедат навремена и точна размена на податоци, како и да создадат предуслови за целосна дигитализација на постапките поврзани со управувањето, користењето и прометот на дрвото и дрвната маса. Со тоа се обезбедува поефикасно спроведување на Законот за шумите и се унапредува одржливото управување со шумските ресурси.