Знаете ли дека еден од најголемите трошоци на кои директно можете да влијаете се оние произлезени од неефикасна комуникација и конфликти во тимот? Начинот на кој вработените градат реалации, се поддржуваат во реализацијата на задачите и се справуваат со конфликтите е критичен фактор за успехот на секоја компанија. Во ситуација кога сите сме соочени со брзи промени и предизвици од секакво вид, клучна е стабилноста на тимот и способноста на вработените меѓусебно да се надополнуваат, да се разбираат и полесно да се прилагодуваат на надворешните промени.
Потребата од нови, разбирливи и ефикасни алатки и пристапи никогаш не била поголема. Како да се пристапи кон вработените за да се креира и раководи тим кој ќе работи усогласено и континуирано ќе постигнува резултати? Како да се искористат различните стилови и потреби во комуникацијата, за креирање синергија во тимот? Лидерите најчесто поаѓаат од тоа што ним им е потребно користејќи ги пристапите кои лично ги сметаат за правилни. Дали е секогаш тоа најдобриот пат? Поговорката “Не прави го на другиот тоа што не сакаш да ти го прават” во комуникацијата и управувањето со тимови гласи: “Дознај што им значи на луѓето околу тебе и комуницирај на начин коj тие го вреднуваат!”. Интернационалната методологија на DISC Flow овозможува полесно разбирање на својот комуникацикси стил, како и стиловите со кои доминантно комуницираат членовите во тимот. Со прилагодувањето кон овие стилови, значително се намалуваат конфликтите и се подобрува продуктивноста на работното место.
Во времиња кога компаниите се соочуваат со дефицит на компетентна работна сила оваа тема се вбројува во топ 3 теми за лидерство, по важност, за обезбедување стабилен и одржлив развој на секоја организација. За таа цел Стопанската комора на Северна Македонија на 2 јули 2024 година организира семинар на тема: „УПРАВУВАЊЕ СО КОНФЛИКТИ – СТРАТЕГИЈА ЗА КОМУНИКАЦИЈА СО ТИМОВИ”.
За кого е наменет семинарот:
Семинарот е наменет за сопственици, менаџери, тим лидери, раководители, менаџери на човечки ресурси и лидери кои спроведуваат промени.
Придобивки од семинарот:
• Разбирање на елементите за градење ефикасни, функционални тимови
• Запознавање комуникациските стилови според DISC Flow Методологијата, со цел полесно разбирање на комуникациските потреби на сите во тимот
• Разбирање на потенцијалните покренувачи на конфликт и на начините како тие можат да се сведат на минимум, со цел поголема продуктивност на работното место
ПРОГРАМА:
I сесија: Вовед во тимска работа
• Претставување на тренерите и учесниците низ комуникациска вежба
• Предизвици и потреби за тимска работа во време на забрзани промени
• Модел на Ленциони – 5 одлики на функционален тим
II Сесија: Модел за ефективна комуникација во тимови
• DISC Flow Комуникациски стилови
• Вежба
III Сесија: Управување со конфликти
• Конфликт и пресметка на цената на конфликтите во вашиот тим
• Покренувачи на конфликт според DISC Flow методологијата
• Вежба
IV Сесија
• Препознавање, превенирање конфликти – стратегија за комуникација со тимови
• Акциски план за примена
Предавачи:
- Биљана Велевска. консултант за управување со проекти, анализи, дијагностики и обуки. Биљана е магистар по Европски менаџмент (Europa Institute во Германија). Поседува сертификати за тренинг и коучинг од неколку светски методологии, со кои овозможува компаниите да ги најдат најдобрите решенија за деловен раст и развој. Од 2020 е сертифициран консултант за Управување со учинокот (KPI Professional) на KPI Institute од Австралија.
- Иван Христов, дипломиран психолог, гешталт психотерапевт и сертифициран Genos International Emotional Intelligence Practitioner. Иван е професионалец со долгогодишно искуство работејќи на домашни и странски проекти во областа на образованието и човечките ресурси. Во моментов е активен на неколку проекти поврзани со човечките ресурси за регрутација и селекција, проценка на вработени, изработка на описи на работни места, обуки и фасилитирани работилници.
За сите учесници на семинарот ќе биде обезбедено:
- работни материјали во електронска верзија;
- ручeк и освежување;
- сертификат за учество на семинарот.
Бројот на учесници е ограничен и пријавувањето е на принцип прв пријавен-прв услужен.
Сите заинтересирани за учество да се пријават најдоцна до 28.06.2024 година.