„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Одржана пленарна седница на РК Кичево

12.12.2025

| Актуелно

 На 11.12.2025 година во просториите на Регионалната комора со седиште во Кичево беше одржана пленарна седница на која покрај редовните точки за работа на членовите на Комората се избра нов претседател, потпретседатели и Управен одбор на РК Кичево.

На седницата пред повеќе од 20 фирми-членки на РК Кичево се обрати потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска која ја даде безрезервната поддршка на РК Кичево со цел во следниот период да се засилат активностите на регионално ниво. Таа подвлече дека главните приоритети на Комората е засиленото следење и активности поврзани со реализација на инфраструктурните проекти во државава, поддршка на домашните компании, поддршка на извозот и поддршка во процесите на создавање кадар кој одговара на барањата на бизнис заедницата.

На седницата, за претседател на РК Кичево за следниот период едногласно беше избран Горан Петрески од ТИМ Инжинеринг, Кичево, додека за потпретседатели исто така едногласно беа избрани Алија Зулбеароски од Еурофикс, Кичево како и Урим Џафери од Баљи Комерц, Кичево. Нивна задача заедно со новиот УО на РК Кичево во следниот период е да ги утврдат приоритетите за работа а со поддршка на институциите, пред се Стопанската комора и Општината Кичево да се реализираат одредените настани, обуки, саемски манифестации и поддршката на компаниите од тој регион.

Д-р Георгиева Јовевска во свое, во име на Стопанската комора како и во име на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески им врачи Признанија за особен придонес, несебично вложување и остварување прогрес на активностите во работата на РК Кичево на досегашниот претседател на РК Кичево Игор Соколески како и на потпретседателот на РК Кичево Алија Зулбеароски.

Потпретседателката на Комората посебно се заблагодари за огромната поддршка на Општината Кичево која сите изминати години и ја дава на РК Кичево во остварување на своите зацртани цели. Беше договорено дека после новогодишните празници ќе се оствари средба со градоначалникот на Општина Кичево како и дека прва точка на дневен ред на седницата на РК Кичево во јануари 2026 година ќе биде поврзана со образованието.