„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Меѓународните развојни банки во Стопанската комора на Северна Македонија ги претставија можностите за учество на компаниите во проектите финансирани од нивна страна

25.11.2026

| Новости

Компаниите од Северна Македонија имаат можност да учествуваат во проекти финансирани од меѓународните финансиски институции, што бара навремена информираност и познавање на процедурите за јавни набавки

 На 25 ноември, во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа Регионална конференција за јавни набавки, организирана во партнерство со четири меѓународни развојни банки: Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициска банка (ЕИБ), Групацијата на Светската банка и Развојната банка на Советот на Европа (ЦЕБ).

Конференцијата ги обедини претставниците на меѓународните финансиски институции, јавниот сектор и бизнис-заедницата, со цел компаниите од земјата и регионот подобро да се запознаат со правилата и процедурите за јавни набавки, претстојните проекти и можностите за нивно вклучување.

Во фокусот беа политиките и процедурите за набавки на меѓународните финансиски институции, нивните проектни портфолија и планираните инвестиции во Северна Македонија и регионот, вклучително и Србија. Посебно внимание беше посветено на практичните аспекти на учеството на компаниите во проектите, од подготовка на понудите до реализација на инфраструктурни и развојни активности.

„Од почетокот на работењето во Северна Македонија, ЕБОР има инвестирано повеќе од 3,2 милијарди евра во над 200 проекти во инфраструктурата, енергетиката, општините, финансискиот и приватниот сектор. Зад секоја успешна инвестиција стои и добро спроведен процес на јавни набавки. Тој овозможува фер конкуренција, учество на квалитетни понудувачи и ефикасно користење на средствата. Токму затоа е важно институциите и компаниите да разменуваат искуства, да ги разбираат процедурите и да ги препознаваат можностите за соработка“, истакна Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Македонија.

Антонета Манова Ставреска, проектен менаџер од Стопанската комора, истакна дека проектите финансирани од меѓународните финансиски институции отвораат значајни деловни можности за домашните компании, но за нивно искористување е потребно навремено информирање и добро познавање на условите за учество. Овие можности не се ограничени само на домашниот пазар, туку се однесуваат и на регионалните проекти.

Конференцијата овозможи директна комуникација меѓу компаниите и претставниците на 4-те меѓународни развојни банки. Преку прашања, дискусии и работни средби, учесниците добија информации за конкретните процедури, ги споделија своите искуства и предизвици и воспоставија контакти за идна соработка.

Со организацијата на овој настан, Стопанската комора ја потврдува својата улога во поврзувањето на домашниот бизнис со меѓународните финансиски институции и отворањето пристап до нови инвестициски и деловни можности. Целта е домашните компании да бидат подобро информирани, поконкурентни и поактивно вклучени во проектите што се реализираат во земјата и регионот.