„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во насока на унапредување на пристапот до финансии и зајакнување на микрофинансискиот сектор во регионот на Западен Балкан, на 11 ноември 2026 година во Сарево беше потпишана регионалната иницијатива SAFE (Sustainable Access to Finance for Entrepreneurship), поддржана од Европската комисија и реализирана во партнерство со италијанските финансиски институции Cassa Depositi e Prestiti (CDP) и Banca Etica.
На настанот за потпишување присуствуваа претставници на Европската комисија, од партнерските финансиски институции, Карло Росото, директор за развојна соработка и меѓународни институционални односи во CDP и Федерика Јелази, потпретседателка на Банка Етика (Banca Etica), како и претставници на микрофинансискиот сектор од Западен Балкан. Во име на Групацијата на небанкарски финансиски институции при Стопанската комора на Северна Македонија учествуваше Никола Јошевски, претседател на Групацијата.
„Небанкарските финансиски институции имаат значајна улога во обезбедувањето пристап до финансии за микро, малите и средните компании, особено за оние бизниси кои немаат доволно обезбедување, кредитна историја или пристап до традиционалните банкарски производи. Преку иницијативи како SAFE се отвораат нови можности за развој на небанкарскиот финансиски сектор, поголема финансиска инклузија и обезбедување достапни и одговорни финансиски услуги за компаниите“, истакна Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски институции при Стопанската комора на Северна Македонија во Сарево на потпишувањето на иницијативата SAFE.
Иницијативата SAFE предвидува мобилизирање на 30 милиони евра во првите 36 месеци, во рамки на седумгодишна програма. Нејзината цел е да ги зајакне капацитетите на микрофинансиските и другите небанкарски финансиски институции, да ја зголеми нивната можност за финансирање и да го подобри пристапот до финансиски услуги за бизнисите и граѓаните кои се соочуваат со ограничен пристап до традиционалните извори на финансирање.
Посебното значење на ваквите инструменти е во нивниот потенцијал да ги поддржат компаниите во рана фаза на развој, самовработените лица, жените и младите претприемачи, како и бизнисите во руралните средини. Преку комбинација на финансиска поддршка, механизми за споделување на ризикот и техничка помош, се создаваат услови за поголема достапност на кредити и зајакнување на капацитетите на небанкарските финансиски институции. Поддршката преку вакви инструменти на комапниите може да им овозможи полесен пристап до средства за инвестиции во опрема, зголемување на производството, отворање нови работни места, дигитализација и зелена трансформација.
За небанкарските финансиски институции, SAFE претставува можност за дополнително јакнење на институционалните и финансиските капацитети, развој на нови финансиски производи и проширување на услугите кон категории клиенти кои остануваат недоволно опслужени од традиционалниот финансиски систем.
Учеството на Групацијата при Стопанската комора во оваа регионална иницијатива е дел од нејзините активности за унапредување на деловното и регулаторното опкружување за небанкарските финансиски институции, зајакнување на регионалната и меѓународната соработка и поврзување на домашниот реален сектор со меѓународните финансиски партнери.
Преку ваквите партнерства, Стопанската комора на Северна Македонија и Групацијата на небанкарски финансиски институции продолжуваат да придонесуваат кон унапредување на условите за развој на небанкарскиот финансиски сектор, зголемување на неговата препознатливост и поврзување со меѓународните финансиски иницијативи, што допринесува за развој на разновиден и достапен финансиски систем, кој ќе одговори на потребите на малите бизниси и ќе го поддржи одржливиот економски раст на Северна Македонија.