„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Бариерата меѓу бизнисот и високото образование постепено се намалува, а соработката меѓу факултетите и бизнис-заедницата се зацврстува. Тоа е резултат на заедничката визија за поконкурентно и порелевантно образование, кое ги поврзува студентите со реалниот сектор.
Универзитетите треба да бидат препознаени по знаењата и вештините што им ги овозможуваат на студентите и по нивната применливост во работната средина. Успешната транзиција на младите од образование кон вработување е еден од важните показатели за поврзаноста на образованието со потребите на пазарот на трудот.
Соработката меѓу компаниите и факултетите им овозможува на студентите стекнатото теоретско знаење да го применат во решавањето реални предизвици од работното опкружување. Таа придонесува за поквалитетно образование, развој на практични вештини и подобра подготовка на младите за потребите на пазарот на трудот.
Еден таков пример е партнерството меѓу компанијата „Алкалоид“ и Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ. Во рамките на летната пракса „Млади таленти“, седумте студенти – Стефанија Стојановска, Нина Талеска, Јована Величковска, Огнен Василевски, Македонка Гошевска, Стефанија Кировска и Тијана Димитровска – работеа на проектни задачи поврзани со аналитичката хемија, контролата на квалитетот на лековите, фармацевтската регулатива, управувањето со документација и продажбата на хемикалии. Притоа, ги покажаа своите способности за идентификување проблеми, примена на соодветни методолошки пристапи и предлагање решенија засновани на научни концепти.
По завршувањето на истражувањата, студентите имаа можност да ги презентираат резултатите пред менторите од компанијата и професорите од Институтот.
Ваквиот пристап им овозможува на студентите да ги развиваат аналитичките и истражувачките компетенции, а на компаниите – да се запознаат со младите таленти и нивниот потенцијал. Истовремено, факултетите добиваат подобар увид во практичните потреби на индустријата. Бизнисот се менува брзо и динамично, па затоа образованието треба да биде флексибилно и да ги следи новите трендови. Кога студентите ќе дипломираат, потребите на компаниите можеби веќе ќе бидат поинакви.
Заедничките иницијативи, поткрепени со креативен и иновативен пристап, ја поттикнуваат поголемата вклученост на бизнис-заедницата во високото образование. Особено е важно компаниите да придонесуваат за практичната применливост на студиските програми и за квалитетното образование на студентите, со фокус на знаењата и вештините што ќе им го олеснат преминот кон вработување.
На тој начин, факултетот успешно ги остварува својата образовна и истражувачка улога, компанијата инвестира во младите и во сопствената конкурентност, а државата добива иновативна работна сила што ја придвижува економијата напред.