„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Иницијативата на Комората за „ПРАЗНИЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА И НИВНОTО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ЕКОНОMИЈАТА“ која има за цел преку јавна дебата да се отвори дискусија за влијанието на празниците врз продуктивноста и трошоците на компаниите, веќе добива јавност и е позитивно коментирана од страна на бизнис-секторот. Комората предложи измени на Законот, со цел поголема продуктивност, пониски трошоци и полесно организирање на работните процеси.
Иницијативата е на база на сериозна, суштинска и длабинска анализа на 36 европски економии, во 25 од нив бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14 годишно, а во повеќе од половината анализирани држави, празниците што се паѓаат за време на викендот не се префрлаат на следниот работен ден.
Предлогот за помалку неработни денови за ИнСторе магазинот го коментира Даница Личанин-Блажеска, сопственичка и управителка на синџирот маркети „Рептил“, која посочува дека сегашниот распоред на празниците претставува сериозен организациски предизвик за трговските компании, особено поради потребата од обезбедување работници во сменска работа и исплата на зголемени дневници.
Таа го поддржува предлогот празниците што се паѓаат во недела да не се префрлаат во наредниот работен ден. Како што вели во ставот даден за ИнСторе „Празникот кога паѓа во недела да не се поместува наредниот ден. Нека се празнува кога е денот“.
Според неа, потребно е да се преиспита и бројот на верските празници што се законски утврдени како неработни денови. Личанин - Блажеска смета дека во мултиетничка и мултиконфесионална држава, каква што е Македонија, големиот број празници за различните заедници создава дополнителни обврски за работодавачите. Таа предлага да се задржат двата главни верски празника, а останатите да се преиспитаат во однос на статусот на неработни денови.