„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во рамки на процесот на верификација на работодавачи за реализација на практично образование, комисија од експерти од Стопанската комора на Северна Македонија, ја посети компанијата Дрекслер Маер (DRÄXLMAIER) во Куманово. Посетата беше насочена кон проверка на условите за реализација на практично образование.
Во рамките на посетата, комисијата имаше можност да ја види реализацијата на учењето преку работа на учениците кои се образуваат за квалификацијата техничар за индустриска мехатроника од ОСТУ „Наце Буџони“ од Куманово, а ја реализираат во компанијата.
Учениците изразија задоволство од реализацијата на учењето преку работа во компанијата и од поддршката на менторите, кои со голема посветенот и стручност им го пренесуваат своето искуство и ги насочуваат при извршувањето на практичните задачи. Тие ги истакнаа и добрите услови за работа, како и опремата и алатите што им стојат на располагање за реализација на работните задачи доделени од менторите.
Особено значајно е што, поттикнати од своите ментори, учениците ги развиваат креативноста и иновативноста. Како резултат на тоа, самите реализирале неколку иновативни проекти, применувајќи ги стекнатите знаења и практични вештини.
.jpg)
На прашањето што ги поттикнало да ја изберат квалификацијата техничар за индустриска мехатроника, повеќето ученици посочија дека пресудна била можноста за учење преку работа во Дрекслер Маер (DRÄXLMAIER), за која слушнале позитивни искуства од своите постари другари.
„Квалификацијата ја избрав поради практичната обука и затоа што претставува спој на електоротехника и механика - нешто што е ново за нас - како и поради можноста за вработување по завршување на образованието“, изјави ученикот Стефан Димитриевски од трета година.
Посебно внимание привлече и учеството на девојчињата во оваа квалификација. Тие истакнаа дека изборот за нив претставувал и предизвик да ги надминат предрасудите за поделбата на професиите на машки и женски.
„Квалификацијата ми изгледаше интересна и беше нешто ново во нашето училиште. Таа претставува спој на машинството и електротехниката и за мене предизвик беше совладувањето на процесите. Ние сме трета генерација девојчиња запишани во оваа квалификација“, истакна Билјана Величкоска.
За Нина Величковска, позитивните искуства од практичното образование биле важен мотив при изборот: „Ја избрав квалификацијата затоа што еден пријател ми кажа дека праксата во компанијата е многу добра и дека квалификацијата е современа. Имав поддршка од родителите, кои сметаат дека нема машки и женски професии и дека и девојките можат успешно да ги разберат процесите“.
Неда Величкоска се осврна на предрасудите со кои се соочила: „Кога се запишав, имав поддршка од семејството, но луѓето надвор од него ме прашуваа зошто сум избрала ‘машка професија’ и како ќе се снајдам како девојче. Кога почнав да учам, сфатив дека нема машка или женска професија, туку дека треба да го сакаш она што го работиш“.
.jpg)
Нивните искуства ја истакнуваат важноста на квалитетното практично образование за развој на вештини, самодоверба и надминување на предрасудите при изборот на професија.
Групацијата Дрекслер Маер (DRÄXLMAIER) ја отвори својата прва фабрика во 2012 година во близина на Кавадарци, а во 2021 година започна да функционира и втората фабрика во регионот на Куманово. Таа беше меѓу првите компании што во 2016 година се вклучија во програмата за дуално образование според германски стандарди, подготовувајќи ученици за квалификацијата техничар за индустриска мехатроника во соработка со стручното училиште „Киро Спанџов–Брко“ од Кавадарци. Фабриката во Кавадарци беше верификувана во 2018 година.
Преку верификацијата на работодавачите, Комората придонесува за обезбедување соодветни услови во кои учениците ќе ги применуваат знаењата, ќе ги развиваат практичните вештини и ќе се подготвуваат за идното работно место.