„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Потпретседателот на Стопанската комора, д-р Марјан Бојаџиев, во рамките на македонската државно-бизнис делегација оствари клучни економски средби во Шибеник

14.09.2026

| Новости

Потпретседателот на Стопанската комора, д-р Марјан Бојаџиев, беше дел од државно-бизнис делегацијата која оствари успешна работна посета на Шибеник, Хрватска. Посетата се реализираше во рамките на традиционалната манифестација „Денови на македонската култура 2026“, во организација на невладината организација „Македонско-хрватска Тангента“, а оваа година настанот помина целосно во духот на одбележувањето на големиот јубилеј – 35 години од независноста на македонската држава.

Делегацијата ја сочинуваа и заменикот министер за надворешни работи, Зоран Димитровски, амбасадорот во Загреб, Драган Ѓурчевски, како и група истакнати писатели и публицисти.

За време на престојот, од позиција на коморското работење и унапредување на бизнис-релациите, беа остварени низа клучни средби:

  • Иницијатива за бизнис-мисија: На состанокот во Регионалната стопанска комора со в.д. претседателот Јосип Лаќа и потпретседателот Дејан Вапски, беше договорена начелна посета на хрватска бизнис-делегација на Македонија во март 2027 година, со цел директно поврзување на заинтересираните компании и отворање нови економски можности.
  • Регионални и институционални средби: Како дел од активностите, делегацијата оствари официјална средба со градоначалникот на Шибеник, Жељко Буриќ, како и со жупанот на Шибенско-книнската жупанија, Пашко Ракиќ. На средбите беа разгледани можностите за идна соработка, а беше истакната и досегашната солидарност на оваа жупанија, која прва донираше средства за Кочани.
  • Европски перспективи: Во рамките на посетата на Пировац, домаќинот Иван Гулам, кој е и претседател за Македонија во Европскиот комитет на региони, најави своја официјална работна посета на Македонија на 4 ноември.

Оваа јубилејна посета уште еднаш ги потврди силното пријателство и нераскинливите врски меѓу двете земји, поставувајќи цврста основа за економска соработка и нова динамика во деловните односи.