„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во Виена се одржа дводневната работилница „Финансиски менаџмент, советување и нови технологии за поддршка на растот на МСП во Западен Балкан – можности за соработка помеѓу професионални сметководствени тела и стопански комори“, која ги обедини претставниците на стопанските комори, професионалните сметководствени организации, експертите за технологија и малите и средни претпријатија од регионот.
Работилницата беше организирана во рамките на Заедничката инвестициска рамка за Западен Балкан 6 (WB6 CIF), со поддршка од програмите финансирани од Европската Унија, вклучувајќи ја и програмата REPARIS за SMEs, управувана од Центарот на Светска банка за реформа на финансиското и одржливото известување (CFRR) .
Настанот беше посветен на зајакнување на соработката помеѓу професионалните сметководствени организации и стопанските комори, со цел подобра поддршка на малите и средни претпријатија во процесот на дигитална трансформација .
Во текот на двата дена, учесниците дискутираа за влијанието на новите технологии и вештачката интелигенција врз сметководствената професија и деловното работење. Беше истакнато дека вештачката интелигенција претставува значајна структурна промена, која ја трансформира улогата на сметководителите од традиционална трансакциска обработка кон стратешко советување, аналитичко толкување и етичко управување со податоците.
На работилницата учествуваше Габриела Кулебанова, преседател на Центарот за ММСП при Стопанската комора на Северна Македонија, која заедно со претставниците на WB6 CIF и стопанските комори од Западен Балкан активно придонесе во дискусиите поврзани со дигиталната трансформација, примената на вештачката интелигенција и зајакнувањето на конкурентноста на малите и средни претпријатија.
Посебна вредност на работилницата беше нејзиниот практичен пристап, кој овозможи размена на искуства и знаења, како и идентификување конкретни можности за унапредување на соработката помеѓу стопанските комори, сметководствената професија, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор.
Континуираната поддршка на Групацијата на Светската банка за малите и средни претпријатија – преку подобрување на пристапот до финансии, поттикнување инвестиции, унапредување на корпоративното управување и забрзување на дигиталната трансформација – претставува важен двигател за одржлив економски развој и раст на регионот.