„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во организација на Стопанската комора на Северна Македонија, а во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО), се одржа настан посветен на консолидацијата на земјоделското земјиште како еден од клучните приоритети за развој на современо и конкурентно земјоделство.
На настанот беше посочено дека дури 32% од земјоделското земјиште во земјава е напуштено, што дополнително ја нагласува потребата од итни и системски мерки за подобрување на искористеноста на ресурсите и зајакнување на продуктивноста.
Настанот беше отворен со поздравни обраќања на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, како и на Мортен Хартвигсен од Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија, кој се обрати преку видео порака. Пред присутните се обрати и Кристина Митиќ Арсова, национален координатор на проект во рамки на ФАО.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, повика на поенергична и поодлучна акција за имплементација на стратегијата за консолидација на земјиштето, нагласувајќи дека не смее да има одложувања и изговори.
„Прашањето е како да се имплементираат темелните вредности за оваа држава да ја направиме држава - тоа значи на политички план владеење на правото, на економски план важење на пазарните законитости и на земјоделски план консолидација на земјиштето. Како да ги имплементираме? Ќе ги ставиме со приоритет и со поединци кои ќе го поддржат тоа. Ние што правиме? Само се правдаме и бараме причини. Не можеме да ја донесеме стратегијата за консолидација на земјиштето заради војната во Иран, не можеме да ја донесеме заради воениот конфликт во Украина, не можеме да ја донесеме заради изборите. Само причини и причини, а суштината е да се засукаат ракавите и тоа што го знаат паметните и што е напишано, да го имплементираме. Сега имаме конкретни активности кои одат во насока да го решат прашањето на имплементација како што е на пример изградбата на автопатот за Охрид, како и другите инфраструктурни проекти за да се вклопиме во европското семејство,“ истакна Азески
Тој додаде дека е неопходно обединување на сите засегнати страни, посочувајќи дека заедничкиот настап на стопанските комори е позитивен пример за тоа како може да се забрзаат процесите и да се постигнат економски резултати и повисок животен стандард.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, истакна дека консолидацијата на земјиштето е докажан инструмент за надминување на структурните предизвици во земјоделството. „Досегашните искуства покажуваат реални придобивки – окрупнети парцели, поефикасно користење на земјиштето, намалени трошоци и зголемена подготвеност за инвестиции. Со Националната стратегија за консолидација на земјиштето 2025–2035, ја позиционираме консолидацијата како клучен инструмент за модернизација и зајакнување на отпорноста на секторот,“ истакна Трипуновски.
Во видео обраќањето, Мортен Хартвигсен од ФАО посочи дека консолидацијата на земјиштето со децении успешно се применува во Европа како инструмент за подобрување на структурата на земјоделските стопанства. „Северна Македонија има поставено солидна основа, а следниот чекор е поврзување на процесот со инвестиции во модерна земјоделска инфраструктура,“ истакна Хартвигсен.
Кристина Митиќ Арсова нагласи дека досегашниот напредок се темели на долгорочна соработка меѓу институциите, академската заедница, приватниот сектор и земјоделците. „Консолидацијата не е само проект, туку заеднички процес кој се гради повеќе од една деценија. Во следната фаза, клучно е проширување на вклученоста на приватниот сектор и мобилизирање на поширок спектар стручни профили,“ посочи таа.
Во рамки на настанот беа презентирани резултатите од досегашните консолидациони проекти, како и приоритетите од Националната стратегија 2025–2035, со посебен акцент на инвестициите во земјоделска инфраструктура, вклучително системи за наводнување, одводнување и пристапни патишта.
Настанот вклучи и панел-дискусија на која претставници на институциите, академијата и бизнис-заедницата дискутираа за предизвиците во имплементацијата, потребата од мултидисциплинарен пристап и проширување на улогата на приватниот сектор, како и можностите за нови инвестиции и модернизација на земјоделството.