„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Предлог на закон за изменување и дополнување на законот за зоотехника

29.04.2026

Предлагач е Владата на Република Северна Македонија.

I. ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Со Законот за зоотехника(*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 87/23)  се уредуваат: зоотехничките и генеалошките правила за производство и трговија со животни за приплод и нивните зачетни производи и нивен внес во Република Северна Македонија, правила за признавање на организација на одгледувачи и организации на одгледувачи на хибридни свињи и за одобрување на нивните програми за размножување, регистрација на признатите организации на одгледувачи и признати организации на одгледувачи на хибридни свињи, надлежноста над спроведување на одгледувачките програми, правата и обврските на одгледувачите, признатите организации на одгледувачи и признати организации на одгледувачи на хибридни свињи, услови и барања за запишувањето на домашните животни за приплод во матична книга и регистри за приплод и за прифаќање на животни и хибридни свињи за приплод и нивни зачетни производи, испитување на продуктивноста и проценка на генетската вредност на животните за приплод, услови за издавање на зоотехнички сертификати за животните за приплод и нивни зачетни производи, управување со генетски ресурси и заштита на генетската варијабилност/биолошката разновидност, генетски резерви и автохтони видови, подвидови, раси и линии, како и ген банки во сточарството, создавање на нова или обновување на раса домашни животни, добивање статус на автохтона раса, производство и промет на пчелни матици, одгледување на живина за приплод, начинот и услови на одгледување на приплодни животни, живина и медоносни пчели и тоа: копитари, говеда, свињи, овци и кози, кокошки – Gallus domesticus, мисирки – Meleagris gallopavo, патки – Anas domestica и гуски – Anser domesticus (во натамошниот текст: живина) и медоносни пчели - Apis mellifera macedonica (во натамошниот текст: пчели/пчелни матици) и други видови животни кои се стопанско корисни, административна помош и соработка и начини на спроведување на одгледувачки програми и заштита на биолошката разновидност и ген банките во сточарството.

По донесување на Законот за зоотехника(*) се донесоа и подзаконските акти кој произлегоа од истиот како и со отпочнување на процес на спроведувањето на одредбите од истиот  беше нотирано дека во некој делови од текстот на законот има потреба од изменување и дополнување на самиот текст на законот пред се заради технички подобрувања во некој негови одредби. Имено во членот 2 ставот (3) се прави измена каде наместо член 8 став (4) треба да стои член 8 став (5).Овде се прави техничка корекција во повикувањето. Во членот 5 став (1) од законот во официјалниот превод на ЕУ регулативата 1012/2017 (член3) е направена грешка и се испуштени зборовите „освен од оние причини“ што суштински го менува целиот став од членот од законот. Во членот 23 став (2) се прави измена затоа што водењето на регистерот за приплод на хибридни свињи го води признатата организација на одгледувачи на хибридни свињи а не Министерството. Имено во истиот член став (1) јасно стои дека по барање на одгледувачите,  признатите организации на одгледувачи на хибридни свињи ја регистрираат во својот регистар за приплод секоја хибридна свиња за приплод од истата раса, линија или крстоска. Во членот 32 се менува ставот (1)  со што се врши допрецизирање на самиот превод на  ЕУ регулативата. Со измената на ставот од овој член се овозможува центрите за собирање или за складирање на сперма или од тим за собирање или производство на ембриони, кои се одобрени за внесување на наведените зачетни производи во Република Северна Македонија да издадат зоотехнички документ во името на органот за приплод и од информациите добиони од тој орган за приплод.

Во членот 33 ви став (1) и во став (2) зборовите „центрите за собирање или складирање на семена течност, центрите за чување на ембриони, екипите за собирање или производство на ембриони“ се бришат затоа што регистрирањето во спсикот на органи за приплод на Европската комисија се врши само на признатите организации на одгледувачи и признатите организации на одгледувачи на хибридни свињи. Дополнително во ставот 5 истиот член се врши техничка корекција.

II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА

Со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за зоотехника (*) се прават технички корекции на текстот на законот.