На 14 мај во Министерството за финансии се одржа работен состанок помеѓу државниот секретар Андриана Матлиоска и Претседателството на Групацијата на небанкарски финансиски друштва предводено од Никола Јошевски. На состанокот беа дискутирани тековните предизвици со кои се соочуваат финансиските друштва, како и можностите за нивен понатамошен раст и развој.
Регулаторот истакна дека во наредниот период ќе работи на унапредување на законската регулатива со цел да се создадат дополнителни можности во согласност со ЕУ директиви. Исто така, најави дека ќе продолжи со зајакнување на надзорната функција. Во изминатиот период Министерството за финансии спроведе повеќе вонтеренски и теренски контроли од кои се очекуваат резултати во следниве месеци.
Двете страни се согласија дека рекламирањето на финансиските друштва мора да биде точно, транспарентно и целосно, без елементи кои можат да доведат до заблуда или да се базираат на игра на зборови.
Дополнително, беше заклучено дека е потребно да се унапреди професионалниот пристап во процесот на наплата на кредитите, а со цел да се обезбеди соодветна заштита на клиентите преку градење на повисока професионална одговорност и фер однос и третман на клиентот.
Претседателството на Групацијата го информираше регулаторот дека следната МИКРОБАЛКАНС конференција ќе се одржи во Скопје од 24 до 26 септември 2026 година. Домаќин и организатор е Групацијата за небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора. Основната цел на конференцијата е да поттикне и поддржи развој на сеопфатен и инклузивен финансиски систем во регионот. Тоа подразбира подобрување на пристапот до финансирање за малите и средни претпријатија, проширување на дигиталните финансиски услуги и поттикнување на економскиот развој на Балканот.