„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Преку платформа со акциски план до намалување на корупцијата

15.05.2026

| Новости

Во борбата против корупцијата потребно е да се лоцира одговорност на секој и заедничко делување на сите општествени чинители

Во рамки на Конференцијата „Бизнис интегритет за конкурентна економија“, на која учествуваа претставници на бизнисот, државата, ДКСК, во рамки на панел дискусијата, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески посочи дека овој настан треба да биде пресвртница. Ако сите што седиме овде и посочиме по еден пример до Државната комисија за спречување на корупцијата, вклучувајќи ја и Владата и приватниот сектор и невладиниот сектор и го кажеме она што го знаат сите, ќе почне да се решава еден од најгорките проблеми со кои се соочуваме, корупцијата.

Во државата има превработеност на администрација, има институции, агенции, регулаторни тела кои немаат голема ефикасност и ефективност. Тековно и многу често менување на различни лица на раководни функции во Извршната власт, што иницира промена на политиките, нови методологии, нови правилници, нови закони и немање континуитет во креирањето на општествено економски амбиент. Дигитализацијата е една од алатките за надминување на одредени проблеми со кои се соочуваат бизнисот и граѓаните. Но потребна е платформа и акциски план на делување, во кој проблемите што ги детектираме ќе почнат да се разрешуваат, но и активно партиципирање на сите чинители во општеството, вели Азески. Само така ќе може да се стори нешто конкретно, наспроти досегашните, главно декларативни заложби кои не дадоа голем резултат. Азески посочи и дека корупцијата е тема од која високите владини, па и бизнис претставници најчесто бегаат, а малите и средните претпријатија се соочуваат со овој проблем на шалтерите во институциите.

На конференцијата беше речено дека, бизнис интегритетот не е товар, туку предност, а посветеноста на транспарентноста ги прави малите и средните претпријатија многу поконкурентни и им дава многу поголема предност. 

На конференцијата учествуваше и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој напомена дека Македонија мора да ги заштитиме домашните компании. Според него, нашите мали и средни фирми на отворен, либерален систем не се неконкурентни.

Корупцијата е двострана и без интегритетен приватен сектор, нема интегритетен јавен сектор и обратно, истакна претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ.

Конференцијата беше организирана во рамки на ЕУ кофинансираниот проект „Бизнис со интегритет Северна Македонија – Мобилизирање на малите и средните претпријатија (МСП) како лидери против корупција“. Присуствуваа Павел Усватов, директор на Програмата за владеење на правото, КАС Југоисточна Европа, германската амбасадорка Петра Дрекслер, заменикот-шеф на Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау, претседателката на Асоцијацијата на бизнис жени Валентина Дисоска, како и финансискиот менаџер и офицер за усогласеност во Маркарт Македонија, Снежана Здравеска.