„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
„Стопанството има слободни работни места, но пазарот на труд не може да понуди квалификувана работна сила за нивно пополнување. Затоа партнерството меѓу стопанството и образованието е клучно за развој на потребните вештини и компетенции“ — беше истакнато на Петтата годишна конференција на Регионалниот фонд за предизвици. Конференцијата се одржа на 17 ноември во Сараево, на тема „Од недостиг на вештини до систем за развој и обезбедување таленти“.
На конференцијата се собраа претставници на компании и образовни институции од шесте земји на Западен Балкан, како и експерти и претставници на меѓународни институции. Во рамки на трите панел-дискусии — „Од недостиг на вештини до систем за развој и обезбедување таленти“, „Соработка меѓу стопанството и образованието за надминување на јазот во вештините“ и „Вештини што ќе им бидат потребни на компаниите“ — учесниците споделија искуства и добри практики за создавање кадар според потребите на стопанството, како и размислувања за вештините што ќе бидат потребни во иднина.
Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на соработката меѓу компаниите и стручните училишта, развојот на зелените и дигиталните вештини, промовирањето еднакви можности и обезбедувањето праведна транзиција.
Преку своите активности, Регионалниот фонд за предизвици го поттикнува развојот на вештините што се бараат на пазарот на трудот. Фондот финансира инвестиции во опрема и инфраструктура за проекти за дуално и стручно образование, подготвени во партнерство меѓу установите за стручно образование и компаниите. Целта е да се зголемат продуктивноста, конкурентноста и иновативноста на компаниите во шесте економии на Западен Балкан.
Регионалниот фонд за предизвици е основан на иницијатива на Министерството за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија (BMZ), а се финансира преку Германската банка за развој (KfW). Фондот го спроведува Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан, како главен партнер за имплементација, чија членка е и Стопанската комора на Северна Македонија.
Министерството за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија обезбеди 95,4 милиони евра за Фондот, а Швајцарската Влада, која се приклучи во 2023 година, преку Швајцарската агенција за развој и соработка обезбеди дополнителни 10 милиони швајцарски франци.
Во рамки на четирите јавни повици беа одобрени инвестиции во вкупен износ од 60,5 милиони евра за шесте економии на Западен Балкан. Со нив беа поддржани 705 партнерски компании и финансирани 137 проекти, во чии рамки се реализираат 240 програми за стручно образование и обука за околу 8.000 ученици. Само Македонија, преку четирите повици обезбеди грантови во вкупен износ од 7,63 милиони евра за поддршка за 17 конзорциуми и тоа за 12 стручни училишта, 5 факултети и 88 компании/организации.