„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во рамки на посетата на Свети Николе, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, оствари работна посета и на Меѓународниот Славјански Универзитет каде оствари средба со претседателот на Управниот одбор, проф. д-р Јордан Ѓорчев, и декани и професори од универзитетот.
.jpg)
На средбата помеѓу академската и бизнис-заедницата, се отвори дискусија и за новиот Закон за високо образование, кој според Азески е пример како во иднина треба да се креираат новите високообразовни кадри за потребите на бизнисот и конечно да се препознае потребата дека кадарот им е потребен на фабриките и на индустријата како основа на економската активност на секоја држава. На самиот Универзитет има воведени нови студиски програми кои ги нема на другите, како што се актуелните потреби за кадар, според новите општествени потреби и усогласеност со зелената агенда во делот на управување со отпад, безбедност и здравје при работа и заштита од пожари.
Претседателот Азески упати апел, дека е клучно за високобразовните институции да го следат примерот на развојот на стручното средно образование, што значи заеднички во соработка со бизнис секторот и Стопанската комора, да иницираат креирање на студиски програми кои ќе нудат развој на релевантни вештини и ќе подготвуваат кадар кој ќе биде речиси подготвен за работа во самите компании, институции и сл.
Суштината на средбата е преку дискусија на бизнисот и академската фела да се изнајдат модели студентите да се вклучат во практичната работа при студирањето во многу поголем обем од тоа што сега е практика, односно да се изнајдат нови идеи и можности во интерес на бизнисот и образовниот процес.
Ѓорчев предложи и приватните Универзитети да имаат можност да учествуваат во креирањето на законот според кој и делуваат во процесот во насока на почитување на трите принципи автономија, неприкосновеност и признавање на научните авторитети. Дополнително и да се овозможи Универзитетите да имаат самостојност во обезбедување средства од сопствени активности, со што ќе се растовари државниот буџет.
Ѓорчев, исто така, е претставник на Ерменската комора во Македонија и во таа улога со бизнисмените од регионот во присуство на претседателот Азески се отвори дискусија и за можностите за отворање нови пазари и посериозна соработка со пазарот во земјата.
.jpg)
Заблагодарувајќи му се на претседателот Азески за посетата, во знак на почит, Ѓорчев му подари уметничка слика од сопствената колекција на која работи како уметник.