„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Економијата на прво место: Стопанската комора и БТПП ја продлабочуваат соработката за посилна регионална трговија

21.10.2026

| Новости

Зајакнување на деловните мостови: Работна средба на стопанските комори на Македонија и Бугарија во Софија

Со цел натамошно продлабочување на институционалните врски и креирање уште поповолен амбиент за економска соработка, денеска во Софија се одржа работна средба меѓу претставници на Стопанската комора на Северна Македонија и Бугарската трговско-индустриска комора (БТПП). Состанокот претставува значаен чекор кон интензивирање на контактите меѓу двете водечки деловни здруженија, кои иако низ годините одржуваат воспоставена соработка и институционална комуникација, препознаваат заедничка потреба за почести директни размени и подинамична координација.

На работниот состанок од македонска страна учествуваа Михајло Донев, помошник-оперативен директор за развој, иновации и знаење, и Даниел Матракоски, координатор за меѓународна соработка при СКСМ, додека домаќин од страна на БТПП беше Габриела Димитрова, директор на Дирекцијата за меѓународна соработка и меѓународни организации.

Средбата се фокусираше на досегашните позитивни практики, актуелните проекти и новите перспективи за соработка меѓу деловните заедници од двете земји. Како клучен исход од конструктивните разговори, двете страни ги отворија можностите за организирање на претстојна средба на највисоко ниво меѓу претседателите и раководствата на Стопанската комора и БТПП, со што институционалното партнерство би добило уште појасна долгорочна насока и стратешка рамка.

Во текот на работната сесија беа разгледани и прашања од директен интерес за стопанството, со акцент на:

  • Зајакнување на синџирите на снабдување и поттикнување на производната интеграција со повисока додадена вредност;
  • Размена на искуства и заеднички иницијативи во областа на иновациите, трансферот на технологии и новите знаења;
  • Потенцијална соработка на проекти кои ја јакнат конкуретноста на  стопанствениците од двете страни.

На средбата, претставниците на Стопанската комора и БТПП се осврнаа и на важноста на регионалната соработка, со особен фокус на заедничкото членство во регионалната Асоцијација на балкански комори (АБК), како и носечката улога на СКСМ во Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ).

Денешната средба во Софија ја реафирмира позицијата на двете комори како автентични претставници на деловниот сектор чиј заеднички интерес е недвосмислено насочен кон стабилност, предвидливост и напредок. Преку континуиран дијалог и практично насочено партнерство, стопанските комори уште еднаш покажаа дека соработката заснована на прагматични економски интереси останува најсигурниот темел за градење долгорочна доверба и одржлив регионален развој.