„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Најава за нов бран поскапувања на храната од Европската централна банка (ЕЦБ)

21.10.2026

| Новости

Зголемените цени на енергенсите, екстремните временски услови и нарушувањата во синџирите на снабдување создаваат нови инфлациски притисоци, кои би можеле посилно да се почувствуваат во текот на 2027 година. Иако инфлацијата на храната во еврозоната значително забави, особено во втората половина на 2026 година, Европската централна банка (ЕЦБ) предупредува дека периодот на релативно стабилни цени би можел да биде краткотраен.

Инфлацијата на храната забави, но вкупната инфлација продолжува да расте
Според податоците на ЕЦБ, годишната стапка на вкупната инфлација во еврозоната се зголемила од 1,7 % во јануари на 3,8 % во септември 2026 година. Главен двигател на овој раст било наглото поскапување на енергенсите по избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток. Особено загрижува податокот дека годишната инфлација кај енергенсите достигнала 18,9 % во септември.
За разлика од енергенсите, цените на храната бележеле значително поумерена динамика. Годишната стапка на инфлација на храната се намалила од 2,6 % во јануари на 1,1 % во август, што претставува најниско ниво од средината на 2021 година, пред благо да се зголеми на 1,3 % во септември. Сепак, забавувањето на инфлацијата не значи дека храната поевтинила. Напротив, цените продолжуваат да растат, но со значително побавно темпо. 
Енергенсите повторно создаваат притисок врз цените на храната
Еден од најголемите ризици во наредниот период е пренесувањето на повисоките трошоци за енергија врз производството и дистрибуцијата на прехранбените производи.
Поскапувањето на нафтата и природниот гас постепено влијае врз транспортот, земјоделското производство, преработката, пакувањето и цените на вештачките ѓубрива. Особено изложени на овие притисоци се производството на пченица, пченка и јачмен, како и производите што се добиваат од нив, вклучувајќи ги лебот, тестенините и другите пекарски производи. Дополнително, повисоките цени на житарките може постепено да се одразат и врз трошоците за сточна храна, а со тоа и врз цените на млекото, млечните производи и месото.
Ефектите од енергетските шокови не се појавуваат веднаш. Потребни се месеци, а кај одредени производи и подолг период, за зголемените производствени трошоци целосно да се пренесат врз крајните потрошувачки цени. 
Последиците од климатските промени дополнително ја влошуваат состојбата
Покрај поскапувањето на енергенсите, сериозен предизвик претставуваат и екстремните временски услови што ја погодија Европа во текот на 2026 година. Високите температури и сушите имаат негативно влијание врз земјоделското производство, а проценките на експертите на ЕЦБ укажуваат дека временските непогоди би можеле да ја зголемат годишната стапка на инфлација на храната во еврозоната за околу 0,3 до 0,8 процентни поени во текот на следната година.
Ефектите нема да бидат еднакви во сите земји и кај сите производи, но се очекува најизразено да се почувствуваат кај земјоделските производи чие производство е непосредно зависно од временските услови. Според септемвриските прогнози, годишната стапка на инфлација на храната во еврозоната би можела да достигне 3,4 % во третиот квартал од 2027 година, по што се очекува постепено забавување.

Главните причини за ваквите очекувања се повисоките трошоци за енергија, неповолните временски услови и постепеното исцрпување на факторите што претходно придонесуваа за смирување на ценовните притисоци.

Иако стапката на инфлација на храната се намали во изминатиот период, европските домаќинства продолжуваат да го чувствуваат товарот на претходните поскапувања. Во септември 2026 година, цените на храната во еврозоната биле во просек за околу 30 % повисоки во споредба со крајот на 2021 година. Овие податоци покажуваат дека забавувањето на инфлацијата не значи автоматско враќање на куповната моќ на граѓаните на претходното ниво.
Иако анализата на ЕЦБ се однесува на еврозоната, нејзините наоди се релевантни и за земјите од Западен Балкан, вклучително и за Северна Македонија. Домашната економија е чувствителна на меѓународните движења на цените на енергенсите, храната и земјоделските суровини. Оттука, евентуалното поскапување на овие производи на европските и светските пазари би можело да создаде дополнителни притисоци врз домашните потрошувачки цени.

Сепак, интензитетот на ефектите врз домашниот пазар ќе зависи од економските услови во земјата, движењето на увозните цени и мерките на економската и монетарната политика. Енергетските шокови и климатските ризици би можеле повторно да го забрзаат растот на цените, додека претходно акумулираните поскапувања продолжуваат да ја намалуваат куповната моќ на населението.

Во 2027 година би можеле да се појават нови предизвици во однос на трошоците за живот, инфлацијата и финансиската стабилност на европските домаќинства, но и на економиите што се тесно поврзани со еврозоната.