„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Стопанската комора на Северна Македонија предлага нов модел на уредување на неработните денови, според кој секој вработен би имал право на до 13 или 14 неработни денови во текот на годината, со можност за избор на дел од деновите за празнување. Како дел од предложените измени се предвидува и празникот што се паѓа во недела да не се префрла како дополнителен неработен ден во понеделник.
Предлог-текстот за изменување и дополнување на Законот за празниците ќе биде доставен до надлежното Министерство за економија и труд, со цел отворање институционална дискусија за можностите за унапредување на постојниот систем, што е поставен во 2007 година.
Целта е да се воспостави подобар баланс меѓу правото на празнување, рамноправниот третман на граѓаните и потребата од непречено функционирање на економијата.
На прес-конференција во Стопанската комора, Анета Димовска, проектен менаџер, истакна дека во рамките на постојниот Закон за празниците се утврдени 11 неработни денови кои важат за сите граѓани, а дополнително се определени неработни денови за припадниците на различни верски и етнички заедници. Со оглед на дополнителните денови, бројот на неработни денови за одредени категории граѓани може да достигне и до 16-17 дена годишно.
„Предлогот на Комората не значи укинување на празниците и правото на нивно празнување, туку промена на начинот на кој тие се користат како неработни денови. Целта е да се создаде пофлексибилен и порамноправен модел, кој истовремено ќе овозможи поголема предвидливост во организацијата на работата“, истакна Димовска.
„Практичната примена на Законот во изминатите речиси две децении резултираше со зголемување на бројот на неработни денови, вклучително и преку дополнителните денови кои произлегуваат од верските празници. Ова има влијание врз економската активност, особено врз продуктивноста на работната сила, организацијата на работните процеси и потрошувачката. Во деновите кога компаниите, институциите и фабриките не работат, доаѓа до привремено намалување на производството и извршувањето на деловните активности. Тоа може да предизвика одложување на рокови, намалување на обемот на работа и пониска економска активност. Според реакциите и укажувањата на работодавачите, приватниот сектор трпи загуби кои се изразуваат и како директни финансиски трошоци, поради зголемените износи за надоместоци и дневници за работа во празнични денови, но и како индиректни загуби, поради неможноста целосно да функционираат и да го организираат работниот процес. Дури и кога компаниите се подготвени да работат за време на празник и да ги исплатат зголемените надоместоци за вработените, нивното функционирање може да биде отежнато или оневозможено поради отсуството на вработени во државната администрација и во одредени услужни дејности, како што се банките и други институции од кои зависат деловните процеси“, истакна Димовска.
Според предложениот модел, празниците утврдени во член 4 од Законот за празниците би биле работни денови, при што секој работник би имал право да избере два дена од деновите определени како празници кои ќе имаат третман на неработен ден. Правото на избор би се уредувало со договорот за вработување, при што со договор може да се определи и повеќе од два неработни дена од деновите на празниците утврдени со закон. На овој начин би се овозможил еднаков пристап за работниците од различна верска и етничка припадност. Наместо бројот на неработни денови да зависи од припадноста на одредена верска или етничка заедница, секој работник би можел да ги избере деновите кои за него имаат лично, верско или културно значење.
Со ова решение би се намалил вкупниот број неработни денови во текот на годината и би се избегнало автоматското создавање на продолжени викенди. Истовремено, би се намалиле трошоците на работодавачите поврзани со организацијата на работата и исплатата на зголемени надоместоци за работа во празнични денови, како и загубите кои настануваат поради прекин на производните процеси и неизвршување на деловни активности.
Според анализата на бројот на празници во европските држави, во најголемиот дел од опфатените економии бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14 дена.
Од вкупно 36 анализирани економии, повеќе од половината – 25 економии, односно околу 70% – имаат меѓу 11 и 14 државни празници и неработни денови. Тоа укажува на одредено ниво на усогласеност меѓу анализираните економии во однос на бројот на неработни денови.
Доколку се земат предвид само 11-те неработни денови кои важат за сите граѓани, Македонија се наоѓа во оваа група. Но, имајќи ги предвид и дополнителните неработни денови за верските празници, особено за граѓаните од православната вероисповед, де факто бројот на неработни денови може да достигне 16, со што Македонија се вбројува меѓу економиите со повисок број неработни денови.
Дополнително, повеќе од половината од анализираните европски држави празниците ги празнуваат на самиот ден на празникот. Тоа значи дека доколку празникот се паѓа во недела или за време на викенд, тој во значителен број држави не се префрла на наредниот работен ден, најчесто понеделник.
Со предложениот модел Комората очекува да се овозможи рационализација на бројот на неработни денови, поголема флексибилност за работниците и рамноправен третман на граѓаните од различна верска и етничка припадност. Истовремено, моделот би придонел за намалување на прекините во производните и деловните процеси, намалување на директните и индиректните трошоци за работодавачите и поголема предвидливост во организацијата на работата.