„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од регионални комори

Бизнисот и високото образование заеднички до кадри со практични знаења и вештини - иницирана подлабока соработка меѓу Регионалната комора со седиште во Кичево и Правниот факултет – Кичево

24.09.2026

| Новости

На 23 септември 2026 година, во Кичево, се одржа работна средба меѓу претседателот на Регионалната комора со седиште во Кичево, Горан Петревски, и деканката на Правниот факултет – Кичево, проф. д-р Светлана Вељановска, на која беше разгледана можноста за воспоставување и развивање на долгорочна институционална соработка меѓу двете институции.На средбата беше истакнато значењето на поврзувањето на академската заедница со бизнис-секторот, особено во насока на создавање квалитетни и практично ориентирани кадри и подобро усогласување на високото образование со реалните потреби на стопанството и пазарот на труд.

Деканката на Правниот факултет, проф. д-р Светлана Вељановска, ја истакна иницијативата за воспоставување системска и долгорочна соработка со Регионалната комора, преку која студентите би добиле поголеми можности за стекнување практични знаења и искуства, а компаниите би можеле поактивно да се вклучат во процесот на подготовка на идните професионалци.
Претседателот на Регионалната комора со седиште во Кичево, Горан Петревски, ја презентираше иницијативата на Стопанската комора на Северна Македонија за реформи во високото образование, насочени кон системско уредување на практичната настава, заживување на стручните студии и воспоставување стратешко партнерство меѓу високото образование и бизнис-секторот.
Иницијативата произлегува од позитивните искуства и резултати од имплементацијата на дуалното образование во средното образование, како и од потребата, идентификувана од страна на бизнис-заедницата, за поголемо стекнување практични знаења и компетенции во текот на високото образование. Во тој контекст, партнерството меѓу високообразовните институции и компаниите се наметнува како важен механизам за создавање кадри кои подобро одговараат на потребите на современиот пазар на труд.
Во насока на конкретизирање на воспоставената соработка, во наредниот период ќе се разгледаат можности за воспоставување модел на партнерство во кој компаниите од регионот би можеле да поддржат конкретни студентски стипендии, практикантски програми, менторства и други образовни активности. Со ваквиот пристап се создава можност за воспоставување директна и долгорочна врска меѓу студентите, факултетот и стопанството, која би била од взаемен интерес и би придонела кон создавање подобри професионални перспективи за младите правници, но и кон обезбедување кадар со практични знаења и компетенции согласно потребите на компаниите.