Поддршката на бизнисот за зачувување на работните места е клучна во овој период на енергетска криза
➢ КРИЗЕН ШТАБ (06.10.2022, во 18:17:52)
👁 Прочитано: 2198




Поддршката на бизнисот за зачувување на работните места е клучна во овој период на енергетска кризаКликни за повеќе

Компаниите чекаат поддршка од Владата и исполнување на нивните барања за надминување на последиците од енергетската криза. Анкетата што Комората ја направи кај компаниите покажа дека од следната година има голема непредвидливост и доколку кризата продолжи, а компаниите не ја добијат поддршката, ќе следи од 30 до 50 проценти намалување на вработените, што никој не го сака, соопшти Кризниот штаб при Стопанската комора на Северна Македонија на денешната прес конференција.

Потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиевска-Јовевска нагласи дека состојбата е тешка и оти поддршката на бизнисот за зачувување на работните места е клучна во овој период.

Во име на Кризниот штаб, Георгиевска-Јовевска рече дека треба што поскоро да следат мерките, бидејќи компаниите ја чекаат поддршката од Владата.

Во однос на предлог мерките што Комората во изминатите месеци ги достави до Владата, од страна на Кризниот штаб беше нагласено дека е потребно да се субвенционира цената на електричната енергија за индустријата по примерот на соседните земји, да се обезбеди правна рамка за фирмите да излезат од постојните договори за снабдување со електрична енергија за компаниите да можат да склучат договори со ЕСМ снабдување, да се максимизира домашното производство на електрична енергија и вишоците да се понудат на индустријата по производна цена и да се намали  ДДВ-то за електрична енергија од 18 на 5 отсто.

Стопанската комора формираше Кризен штаб кој е 24/7 достапен за компаниите во совладување на кризата со снабдување со електрична енергија. Тој е на располагање на сите членки од 21 септември. Истовремено е прогласена и кризна состојба во работењето на Комората што ќе трае во следните шест месеци.

Служба за информирање при Комората