ПРЕДЛОЗИ ЗА ПОБРЗ ПРОТОК НА СТОКИ НА НАЈФРЕКВЕНТНИОТ ГРАНИЧЕН ПРЕМИН „ТАБАНОВЦЕ“
➢ Актуелно (06.10.2022, во 14:16:00)
👁 Прочитано: 829



(по следењето на протокот од службите на Комората во јули и во август 2022 г.)
ПРЕДЛОЗИ ЗА ПОБРЗ ПРОТОК НА СТОКИ  НА НАЈФРЕКВЕНТНИОТ ГРАНИЧЕН ПРЕМИН „ТАБАНОВЦЕ“Кликни за повеќе

Во јули и во август лица вработени во Стопанската комора на Северна Македонија беа присутни на најфреквентниот граничен премин во државава, односно на граничниот премин „Табановце–Прешево“, со цел изворно, директно да се информираат од  компаниите за нивните проблеми, но и за непосредно да ја согледаат состојбата на граничниот премин. Вкупната фреквенција на граничниот премин во јули и во август 2022 година е околу 60.000 транспортни возила, без да се евидентираат товарните возила кои транзитираат. При набљудувањето на состојбата во посочените месеци, утврдено беше дека има колони на товарни возила во повеќето денови, а за влез во државава некои денови се чека од 2 до 3 часа. Посебната лента за возилата од „Отворен Балкан“ во јули не функционираше, а во август беше во функција, со исклучок на некои денови. Констатирано е дека постапките за увоз/извоз се удвојуваат на македонската и на српската граница поради неусогласност на системите, односно компаниите се изложени на двојни проверки и пред царинските органи и пред органите за внатрешни работи од нашите службеници и од службениците на српската страна. Перцепцијата на компаниите, а и од она што можеше да се утврди при набљудувањето, е дека по активностите во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ нема видливо подобрување на состојбите при минувањето на граничниот премин „Табановце–Прешево“. Натаму, констатирано е дека клучни проблеми кои придонесуваат за создавање гужва на граничниот премин, во услови на зголемена фреквенција во летниот период, се недостигот од соодветен број ленти за движење на транспортните возила и на автомобилите, како и честите прекини во снабдувањето со електрична енергија. Имено, при следењето утврдено е дека клучен проблем е недостигот од доволен број ленти по кои би се движеле транспортните возила, како и патничките возила, особено за влез во државава. Секојдневно, по неколкупати во текот на времето на следење, се случуваат прекини во напојувањето со електрична енергија во траење од 15-ина минути, при што целиот систем се блокира. Во вакви услови не функционираат системите за работа на нашите служби, ниту вагите за мерење на транспортните возила, при што постојат реакции од транспортерите. Во однос на состојбите со работното време на царинскиот терминал, стоковото царинење за извоз се прави 24/7, а за увоз во периодот од 7 до 19 часот. Инспекциските служби од Агенцијата за храна и ветерина и од Фитосанитарната управа работат до 19 часот, со тоа што по 17 часот не примаат документи за обработка. Често се случува од вкупно две ваги што се употребуваат за мерење на транспортните возила при влез во државава во функција да е само една вага, што понекогаш претставува пречка за непречено движење на колоната од транспортни возила. Во однос на постапките, шпедитерите и компаниите укажуваат дека постапката T1 NCTS (директен транзит) поефикасно се спроведува во Република Србија, во споредба со тоа како се спроведува од наша страна, како и тоа дека Република Албанија сѐ уште го нема воведено целосно директниот транзит, а тоа е еден од проблемите во „Отворен Балкан“ за побрзо минување на границите. Исто така, шпедитерите и компаниите укажуваат на преопотовареност со барања за доставување хартиени докази, особено при соработка со Фитосанитарната управа при Минитерството за земјоделство, бидејќи за секоја постапка бараат хартиени докази, иако за најголем дел од постапките е осмислено да се спроведуваат дигитално, што е, секако, практика која треба да се промени.

Во периодот додека се вршеше набљудувањето, Стопанската комора на Северна Македонија укажуваше на одредени проблеми, по што од надлежните институции веќе се преземени конкретни активности. Така, веќе се работи на отстранување на проблемот со прекините во снабдувањето со електрична енергија, со замената на делови и воспоставување целосна функционалност на трафостаницата ЕВН се веќе одреден период на терен, во наредните денови ќе изискува и подолгорочни прекини во напојувањето со електрична енергија. Во текот на август ставена е во функција посебна лента за влез на товарни возила за земјите од „Отворен Балкан“ и од ОЕО/зелени коридори и се излезе во пресрет на барањето на Стопанската комора на Северна Македонија за обезбедување посебна лента за движење празни товарни возила, како и лента за транспортните возила кои транзитираат преку државата.

Останува барањето на Комората за инфраструктурни подобрувања на граничниот премин „Табановце“ и за обезбедување услови за ставање во функција дополнителни ленти за транспортни и за патнички возила, со цел растоварување на сообраќајот и олеснување на протокот на стоки и на патници, како и барањето за подобрување на инфраструктурата која вклучува сервисни објекти, со цел овозможување соодветни услуги на граничниот премин.

Во идниот период Комората, во рамките на своите надлежности, ќе преземе активности за укажување на потребата од подобрување на состојбите во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, како и за подобрување на состојбите во доменот на надлежностите што ги имаат нашите органи на граничниот премин, во делот на работното време, екипираноста и начинот на спроведување на извозно-увозните постапки.

 

Служба за информирање при Комората