КОМОРАТА ВО ПОСЕТА НА УНИЈАТА НА ТУРСКИ КОМОРИ И СТОКОВИ БЕРЗИ (ТОББ)
➢ Актуелно (05.08.2022, во 11:39:46)
👁 Прочитано: 376



Јакнење на капацитетите на СКСМ во доменот на меѓународната соработка и на извозот
КОМОРАТА ВО ПОСЕТА НА УНИЈАТА НА ТУРСКИ КОМОРИ И СТОКОВИ БЕРЗИ (ТОББ)

Во насока на континуирано реализирање на активностите на Стопанската комора на Северна Македонија, во периодот од 25 до 29 јули 2022 година претставници од Комората остварија студиска посета на Унијата на турски комори и стокови берзи (ТОББ), со седиште во Анкара, Република Турција. Целта на посетата беше стручно усовршување на претставниците на Комората од областа на унапредувањето на активностите на коморското работење, како и размена на искуства и на знаење.

Студиската посета се реализираше во рамките на договорените активности на средбата во Анкара меѓу претседателите Азески и Хисарчиклиоглу за стручно усовршување на вработените од Стопанската комора во Одделот за меѓународна соработка и извоз во рамките на ТОББ.

Претставниците од Комората остварија работна средба со претседателот на Унијата на турски комори и стокови берзи (ТОББ), господинот Рифат Хисарчиклиоглу, на која разговараа за тековните и за идните проекти на ТОББ, како и за можностите за зајакнување на соработката меѓу двете комори.

Со реализирањето на оваа посета двете комори уште еднаш ја потврдија својата долгогодишна соработка и заедничка посветеност кон создавањето дополнителни услови за олеснување на соработката меѓу бизнис-секторот од двете земји.

За време на посетата претставниците на Комората имаа можност подетално да се запознаат со коморското работење и организирање во Република Турција. Домаќините, преку многубројни презентации, ги претставија своите услуги и дополнителни механизми за поддршка на компаниите во нивното работење на домашниот пазар, но и на пазарите во ЕУ, САД, МАГРЕБ и на Блискиот Исток.  

При престојот беше организирана и посета на развојните индустриски зони наменети за домашни компании, каде што претставниците од Комората остварија средба со госпоѓата Чагри Пинар Јилдизли, менаџер за финансии и за човечки ресурси, и подетално се запознаа со нивната улога, поставеноста и со начинот на функционирање, по што беше организирана и посета на еден од производствените капацитети на компанија која функционира во рамките на зоните.

Унијата на турските комори и стокови берзи (ТОББ) претставува највисоко правно лице во Турција, кое обединува 365 членови во форма на локални стопански комори, индустрија, трговија и индустрија, поморска трговија и стоковни берзи во 81 провинција и во 160 окрузи во Турција. 

 

 

Служба за информирање при Комората