100 ГОДИНИ КОМОРА СОБРАНИЕТО НА КОМОРАТА, КАКО НАЈВИСОК ОРГАН, ЈА УСВОИ ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС ЗА ЕКОНОМСКИ РЕФОРМИ, ПОЛИТИКИ И МЕРКИ
➢ Актуелно (14.07.2022, во 16:27:33)
👁 Прочитано: 1036



Стопанската комора одбележа 100 години коморско дејствување денеска, на 14 јули, кога во 1922 година е формирана првата коморска организација на нашата територија.
СОБРАНИЕТО НА КОМОРАТА, КАКО НАЈВИСОК ОРГАН, ЈА УСВОИ  ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС ЗА ЕКОНОМСКИ РЕФОРМИ, ПОЛИТИКИ И МЕРКИ

Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија, на седницата одржана на 14.7.2022 година ( на денот кога во 1922 година е формирана првата коморска организација на нашата територија ), како највисок орган на Комората, ценејќи ги севкупниот амбиент создаден на меѓународен план, тешките регионални проблеми и слабостите во сопствената земја, и во контекст на постојаните кризи од 2008 година наваму, ја усвои ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС ЗА ЕКОНОМСКИ РЕФОРМИ, ПОЛИТИКИ И МЕРКИ.

На прес-конференцијата по повод свеченоста за одбележување 100 години коморско работење, претседателот Бранко Азески, во присуство на раководниот тим и на дел од експертскиот тим на Стручната служба на Комората, пред медиумите ја образложи Декларацијата (Декларација аудио), која, доколку ја прифатат политичките партии, ќе им биде понудена за потпишување на сите други добронамерни субјекти кои сакаат напредок на нашата држава и спречување на одливот на млади луѓе од земјава. Притоа Азески ги информираше медиумите за следново:

ð Зошто декларација во овој момент?

- Како комора цениме дека е ова критичен момент на мултикризната ситуација во која се наоѓаме, а таа е политичка, енергетска, здравствена и финансиска.

- Компаниите се наоѓаат во исклучително тешка ситуација, како домашните така и странските компании кои се организирани во рамките на Стопанската комора.

- СКСМ е водечка бизнис-организација со огромен потенцијал и сметаме дека нејзиниот глас изразен преку Декларацијата треба да се слушне и да се почитува, затоа што во него е содржано мислењето на илјадници компании и на илјадници водечки кадри во државава и создава најголема вредност во општеството.

ð За моменталната ситуација претседателот на Комората вели дека од осамостојувањето на земјата наваму македонската економија оствари разочарувачки бавен раст.

Ø Од 1993 до 2021 г. просечно годишно реалниот раст на БДП изнесува само 1,7 %, што не овозможи позначително стеснување на јазот во однос на просекот на Европската Унија. Јавниот долг се зголеми од 23 % во 2008 година на 54,9 % во март 2022 година, со тоа речиси достигнувајќи го плафонот на својата одржливост, па земјата се соочува со ризикот да стане презадолжена доколку продолжи трендот на задолжување.

Ø Македонија не успеа да го реформира својот образовен систем и не произведува кадар со знаења и со вештини што ги бараат пазарот и новото време.

Ø Во текот на три децении Македонија не успеа да го заокружи квалитетно инфраструктурното поврзување, ниту во земјава ниту со соседните земји.

Ø Поради отсуство на постојан пристап земјата остана високо зависна од увоз на енергенси, а со тоа и подложна на силни ценовни удари, без обезбедена алтернатива.

 

ð „Комората“, вели Азески, „врз основа на оцената изнесена во претходниот став, смета дека е можно да се доведе во прашање функционирањето на државата“.

Неповолните состојби во економијата во најголем дел се должат на нефункционирањето на правната држава, непочитувањето на пазарните вредности, севкупната политизација на секоја пора од општеството и на доминацијата на интересот на политичките партии над државниот интерес. Затоа бизнисот бара враќање од партиска кон државна агенда (да запрат фиктивните вработувања во јавниот сектор, да се стави стручниот кадар пред партиските вработувања, да се ревидира потребата од постоење 1322 државни институции со армија од партиски вработени итн.).

ð За таа цел, за бизнисот да функционира како што треба и за да ја остварува својата функција, потребно е :

1. Единствен пат – евроатлантски интеграции

2. Без оглед на исходот од преговорите со ЕУ, да се донесе заеднички акциски план за формирање работни тимови за преговори

3. Да се работи на обезбедување:

  •  институционална држава;
  •  правна држава;
  •  пазарно ориентирани услови;
  •  почитување на човековите права и слободи.

СКСМ се одлучи на ваков потег ценејќи дека мултиплицирањето на повеќе проблеми во тесен временски период може да го загрози опстојувањето на бизнисите, а со тоа и на Република Северна Македонија.

На прес-конференцијата на медиумите им беа поделени и примероци од МОНОГРАФИЈАТА за лицата и за настаните од македонскиот бизнис кои ги одбележаа последните 25 години од 100-те години коморско работење.

 

Азески информираше и дека средствата првично планирани за прослава по повод 100-годишнината во износ од 6 милиони денари ќе бидат уплатени на сметката на Фондот наменет за финансиска поддршка на процесите за дигитализација во компаниите при Комората , во кои учествуваат и Владата на Република Северна Македонија и Швајцарската интеркооперација „Хелветас“, по што ќе се даде пример и за приоритетите на нашето дејствување во наредниот период. Градејќи го коцепт на “Интелегентно претпријатие” (Intelligent Enterprise) Стопанската комора на Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија и Хелветас Швајцарска Интеркооперација, Подружница во Скопје преку заеднички учество во Фондот наменет за финасиска поддршка на процесите за дигитализација во компании даваат свој активен придонес, со кој влијаат на продуктивноста, конкурентноста, на зголемување на ефикасноста, на вработувањата и ефективноста во бизнисот. Извојувајќи сопствени средства во реализација на еден од врвните приоритети ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА, Стопанската комора на Северна Македонија како “Kуќа на бизнисот”, денес веќе стара еден век, е во функција на својата задача, на целите и на визијата. Градејќи го концептот “Комора на иднината” дава активна поддршка и на дело покажува дека работи во интерес на своите членки, помагајќи им во зголемувањето на нивната конкурентност.

На денот на одбележувањето на 100-годишнината ги повикуваме сите комори да продолжиме да го славиме 14 јули како заеднички празник на сите наши комори, поточно на оние што сакаат да учествуваат во тие прослави. Со тоа даваме позитивен пример за тоа како треба да се однесуваме во иднина.

Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување